Лесна победа на Вардар над ППД Загреб

Победата над хрватскиот претставник е осма по ред за „црвено црните“ во најелитното натпреварување и претставува нов клупски рекорд по број на победи во серија во Лигата на шампионите.

 

Хрватите играа рамноправен ракомет само до 14. минута кога резултатот беше 4:4. Тогаш Канељас погоди за 5:4 и од тој момент почна да работи машинеријата на Вардар. До крајот на средбата „плинарите“ не успеаја да го загрозат резултатот и Вардар со тоа ја прокнижи својата трета победа по првите три кола, со резултат 28-21.

 

„Лошо отворивме, како да не стануваше збор за меч од Лигата на шампионите. Сепак, набрзина се разбудивме, заигравме како што треба и на крајот заслужено победивме. И кога промашувавме контранапади и зицери одбраната ни беше како што треба, па ни овозможи да имаме солидна предност и победата воопшто да не се доведе во прашање“ – истакна Гонзалес на прес-конференцијата по натпреварот.

 

Крилото на Вардар, Даниил Шишкарев му честита на својот тим за третото добро издание, а воедно и третиот триумф во елитата оваа сезона.

 

„Влеговме тешко во првите минути, но потоа почнавме да играме како што знаеме и дојдовме до водство кое мудро го држевме во своите раце. Ниту еднаш не го испуштивме водството, а мечот го решивме на стартот на вториот дел кога имавме добра одбрана и ги сопиравме. Честитки за сите, многу сме задоволни што имаме три од три и одиме понатаму. Ја заслуживме оваа победа“, изјави Шишкарев.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien