Одбележани 114 години од битката на Маргара во Мариово

Со планинарски марш и поставување на спомен плоча во организација на културно-истражувачкиот документациски центар „Калеш Анѓа“ со седиште во село Крушевица и планинарското друштво „Јане Сандански“ од Прилеп вчера беа одбележани 114 години од битката на Маргара во Мариово, кај селото Чаниште.

 

„Во оваа битка учествувале Ѓорче Петров, Лука Иванов, Иван Попов, Лазар поп Трајков, значи костурските чети заедно со Петров. Битката се одржала на денешен ден на 2 октомври, а на 1 октомври 1903 година била донесена одлуката за прекин на востанието. Во програмата за одбележување се одржа и комитски марш, од месноста Скала кај село Бонче, па потоа се упативме до врвот Висока во Мариово каде се наоѓа еден доста интересен археолошки локалитет каде има градби од резиденцијален карактер. Потоа слеговме по сртот до Маргара и ја откривме плочата која ја поставивме во спомен на битката. Оттука слеговме во манастирот пред 16 часот каде имаше пригодна програма“, истакна Тренчо Димитриески, организатор на настанот.

 

Инаку на битката кај Маргара околу 150 востаници им пружале отпор скоро цел ден на околу 5.500 турски војници. Вечерта востаниците успеале да го пробијат обрачот и да избегаат кон реката Црна.

 

„Вчера ја презентирав и мојата книга која се вика „Маргара“ и таа е една од 12 томната џебна едиција посветена личности и настани од Пелагонија, Мариово и преку Рид“, додава Димитриески.

 

Организаторите се надеваат дека овој марш и одбележување ќе остане традиција затоа што оваа битка заслужувала да има големо место во нашата историја.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи