Барселона ќе биде принудена да одлучи во која фудбалска лига ќе настапува ако Каталонија стане независна република, изјави претседателот на клубот Жозеп Бартомеу.
Како што вели клупскиот претседател, клубот минува низ тежок и комплициран период бидејќи не знае што ќе се случува, но порача дека секоја одлука ќе биде донесена смирено и мудро.
„Ситуацијата е премногу сериозна, дури е и тензична што многу лошо влијае и на игрите на тимот. Во однос на тоа, што ќе прави Барселона и какви чекори ќе превземе во случај на независност на Каталонија, јас како претседател на клубот заедно со раководството ќе одржиме неколку состаноци и ќе почнеме преговори со раководството на Ла Лига. Пред да ја донесеме последната одлука, ќе направиме неколку анализи и тогаш ќе ја соопштиме финалната одлука“, изјави Бартомеу.
Министерот за спорт на Каталонија, Џерар Фигерас, минатата недела изјави дека Барселона ќе може да настапува во друга држава ако добијат независност.
„Ако добиеме независност, каталонските тимови во Ла Лига: Барселона, Еспањол и Жирона ќе одлучат каде ќе играат, дали во Шпанија, дали во Италија, Франција или Англиската Премиер лига“, рече Фигерас.