Преку 10 000 мислимани во Лондон излегоа на протест против Исламската држава и тероризмот.
Луѓе од секоја возрасна група марширале држејќи транспаренти на кои пишувало дека терористите се непријатели на Алах и човештвото и дека Исламската држава ниту е исламска, ниту пак е држава.
Во толпата бил и Мајк Хејнс, брат на Дејвид Хејнс кој бил јавно погубен од страна на припадниците на Исламската држава, а бил заробен додека работел на хуманитарна акција во тој регион.
„Многу е важно да реагираме на позитивен начин против овие ширачи на омраза. Го оплакувам мојот брат секој ден, меѓутоа тој ги знаеше ризиците со кои се соочува еден хуманитарен работник. Тој и мојата фамилија ги прифатија тие ризици, затоа што таму тој им помагаше на сите кои имаа потреба, без разлика на боја на кожа, национална или религиозна припадност“, изјави Мајк.
„Грозоморното убиство на мојот брат, бомбашкиот напад на тинејџерски концерт во Манчестер, неоправданото навредување на луѓе базирано на нивната вера, сите овие имаат една и единствена заедничка работа, а тоа е омразата“, додаде тој.
Свое излагање на маршот имал и имамот Ајатолах Фадил ал-Милани, постар имам во Исламскиот центар, кој истакнал дека единствениот начин да се победат идеологиите кои шират омраза и страв е градењето на социјални врски помеѓу луѓето и взаемното прифаќање помеѓу себе.