Најмалку седуммина загинаа, а десетина други се повредени во бурата „Ксавиер“, што денеска ги погоди северните и источните делови на Германија, уривајќи дрва и предизвикувајќи прекини на сообраќајот.
Според германските власти, три лица загинале во сојузната покраина Бранденбург, а по едно во Мекленбург-Долна Померанија и во градовите Берлин и Хамбург.
Германската железничка компанија „Дојче бан“ соопшти дека сите возови чиј правец води кон севернот дел на земјата се во прекин, особено линијата меѓу Берлин и Хамбург бидејќи на пругите се паднати голем број на дрвја.
Поради силниот ветер во реонот на Берлин, кој дувал со јачина и до 120 километри на час, беа откажани повеќе летови од берлинските аеродроми Тегел и Шенефелд. Исто така, откажани беа и неколку меѓународни летови од аеродромите во Бремен и Хановер.
Само во реонот на Берлин по невремето противпожарната служба имала над 700 интервенции, а во Хамбург дури 1.200.
Две зоолошки градини се затворени и животните биле преместени во нивните скривалишта.
Според Германската метеоролошка служба бурата може да достигне јачина на урагански ветер.