Македонија до голем бод против Италија на Олимпико

Македонската фудбалска репрезентација одигра машки фудбал против четикратниот светски првак и целосно заслужено им откина бод кој никој не го очекуваше.

 

Со деганжман на Димитриевски, одличен прием на гради и додавање на Несторовски до Пандев кој го пронајде херојот на Македонија за овој натпревар Трајковски,  кој пак дрско му одигра еден на еден и го матираше Буфон, триото кое настапува во Италија, а и целиот состав на Мрме покажа дека епитетот фаворит не е доволен за освојување бодови.

 

За напаѓачот на Палермо ова е јубилеен десети гол во репрезентативниот дрес во 37 настап, а негов четврти во овие квалификации.

 

Македонија ја продолжи серијата без порази во 2017. година во која Македонија на 7 натпревари има само еден пораз и тоа од големата Шпанија во Скопје со 2:1. Три меча во ред Македонија нема пораз во квалификациите и конечно ни се враќа сето она што го пропуштивме на почетокот од квалификациите кога среќата ни го заврте грбот. Конечно се разбудивме и резултатите почнаа да доаѓаат. Доказ за тоа е и фактот што, ако го победиме Лихтенштајн, ќе освоиме бодови како во двата претходни циклуси заедно! Тоа е знак дека работите мрдаат од мртва точка, а Македонија има иднина и може да се надева на големо натпреварување.

 

Играчите секако беа задоволни од прикажаното на вчерашниот натпревар.

 

„Мислам дека добро се браневме, со тоа и максимално ги искористивме нашите шанси од контра напади. Така треба да играте против големите екипи, инаку ќе примите три или четири погодоци и нема да можете да се вратите во игра. Имаме доста млади играчи кои штотуку се развиваат и се надеваме во иднина ќе бидат подобри. Италија е одлична, уверен сум дека ќе заминат во Русија“, изјави нашиот капитен Горан Пандев.

 

„Сега веќе сме искусна репрезентација и тие грешки кои ги правевме на претходните натпревари се минато. Дефанзивата одигра одличен меч, се движевме многу подобро и заслужено стигнавме до тој бод. Против една силна репрезентација како што е Италија, да ја држиш топката во свои нозе не е мала работа и затоа секоја чест за сите. На полувреме селекторот ни рече да продолжиме да веруваме и да не отстапуваме од нашиот начин на игра. Со влегувањето на Трајковски го добивме она што ни фалеше и ја искористивме шансата за голем наш бод. Што се однесува до мојата игра, не се грижам на која позиција ќе ме стави селекторот, добро можам да се снајдам на секоја, важно ми е само да играм“, истакна Енис Барди.

 

Пофални зборови добивме и од медиумите во Италија.

 

„Македонија, која е 103-та на ранг листата на ФИФА, вреди повеќе од таа позиција. Дојде по две победи со Израел и Лихтенштајн, ремизираше со Албанија и загуби само од Шпанија, што значи не е воопшто лошо. Уште на првиот дуел во Скопје нè стави во пеколни тешкотии“, напиша Газета дело Спорт.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien