Повторувањето на своите неуспешни проекти, односно нивното повторно предлагање како решенија за постоечките проблеми е најдобар доказ за безидејноста на Марјан Ристески по неговото 12 годишно владеење, изјави на денешната прес конференција кандидатот за Советник од листата на СДСМ за Прилеп, Тони Камчески.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„После 12 годишно владеење, безидејноста на Марјан Ристески да понуди нови проекти кои ќе бидат од интерес на граѓаните на Општина Прилеп, се гледа на секој чекор. Најдобра потврда за тоа е примерот со пропаднатиот проект со купопродажбата и монтирањето на опремата за паркинг простор.
Имено, како градоначалник на Општина Прилеп, кон крајот на 2007 година Марјан Ристески со скопската фирма „Унига Инженеринг“ склучил купопродажен договор за набавка и монтирање на опрема за паркинг простор. Вредноста на договорот изнесувала 1.796.491,00 денари, а средствата за таа намена во општинскиот буџет биле испланирани со Програмата за изградба на простор за паркирање.
Како што може да се види од спецификацијата, набавена била целокупната опрема за паркинг просторот, вклучително и подигачи за паркинг со далечинска регулација, бариера во стандарден облик, контролен панел, командна табла со тастери и диоди, како и други елементи од опремата.
Меѓутоа, нецели 6 месеци после монтирањето на опремата, без одлука на Советот на Општина Прилеп и со образложение дека била надмината потребата од затворен систем на паркирање, Марјан Ристески носи одлука за отстранување на целата опрема.
Со тоа, Ристески му нанел значителна штета на општинскиот буџет, особено што подоцна за истото просторно решение, без законски основ, Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови морало да ангажира дополнителна работна сила со енормно голем број на вработувања.
Денес, после 9 години откако самиот го уништи проектот заради кој во “бунар“ беа фрлени значителни буџетски средства, Марјан Ристески на граѓаните на Прилеп им го предлага истиот проект!
Проблемот со паркинг просторот во градот ќе го решавал, меѓу другото, со “осовременување на системот за наплата и контрола – паркинг рампи, сензори, паркинг метри и слично.
Повторувањето на своите неуспешни проекти, нивното повторно предлагање како решенија за постоечките проблеми, е најдобар доказ за безидејноста и очајот во кој се наоѓаат Марјан Ристески и ВМРО-ДПМНЕ.
Кога веќе немаше доблест самиот да се повлече од политичката сцена, тогаш на 15 октомври граѓаните на Општина Прилеп ќе му го покажат црвениот картон.
Новиот градоначалник Илија Јованоски, целосно ќе го редефинира сообраќајниот режим и ќе воведе бесплатен паркинг за сите“, изјави Камчески