ВИДЕО : Над 250 учесници на 9-тиот меѓународен турнир во џудо „Прилеп Град Херој 2017“

Започна 9-тиот по ред меѓународен турнир во џудо „Прилеп Град Херој 2017“ на кој што учествуваат над 250 учесници од повеќе држави како Бугарија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово, Грција и други. Манифестацијата е во организација на џудо клубот од Прилеп „Сеишин“ и Џудо федерација на Македонија, а натпреварот се одвиваше во спортската сала во ООУ „Добре Јованоски“.

 

 

Турнирот го отвори амбасадорката на Јапонија, Кеико Ханеда.

 

„Се чувствувам многу среќна што гледам како стотици луѓе вежбаат џудо денеска. Џудото потекнува од Јапонија и е старо како спорт стотици години. Во 1964 година стана дел од Олимписките игри во Токио, а во 2020 година исто на Олимписките игри кои треба да се случат во Токио повторно џудото ќе ја има својата главна улога. Во Македонија овој спорт е доста популарен, многу луѓе се занимаваат со него и помагаат на други земји каде џудото се практикува. Затоа се надевам дека Јапонија во иднина ќе и помогне на Македонија за уште поголем развој на овој спорт“, рече Кеико Ханеда, амбасадор на Јапонија во Македонија.

 

„Многу голема чест ни е тоа што турнирот го отвори јапонската амбасадорка во Македонија. Задоволен сум од посетеноста од странство и секако задоволен сум од присуството на македонските клубови. Голема благодарност до македонската џудо федерација која ни овозможи да го одржиме овој турнир во Прилеп. Исто сакам да искажам благодарност до Општина Прилеп која ни помогна околу турнирот. Се надевам дека борбите ќе бидат фер и дека се ќе заврши во најдобар ред. Во Македонија се формирани 21 клуб за џудо. Активни се околу 18, има општини каде и воопшто го нема, но бројноста се зголемува и џудо федерацијата се обидува да најде начин да го одржи ова темпо и се надевам дека во иднина ќе биде уште подобро“, изјави Дејан Ширкоски, претседател на џудо клуб „Сеишин“ и генерален сектерар на џудо федерација на Македонија.

 

Гостите од странство беа презадоволни од организацијата и квалитетот на турнирот.

 

„Неколку години по ред доаѓаме тука. Се трудиме да учествуваме на сите квалитетни турнири на Балканот, а овој е еден од нив. Можеби и еден од најдобрите. Имаме одлична соработка со клубот „Сеишин“ од Прилеп. Џудото е популарен спорт на овие простори, тоа го докажува и ова големо присуство тука. Мислам дека и понатаму ќе имаме успешна соработка со Македонија исто како и досега“, истакна Драган Мрвалиќ, учесник од Црна Гора.

 

„Се радувам што сме гости во Прилеп јас доаѓам како претставник на еден од најсилните спортски клубови од Бугарија, „Спортска академија Стамен“ од Сливен.Тука сме 8 години по ред. Благодарам на гостопримството на нашите пријатели од Македонија, организацијата на турнирот е одлична. Македонски како и бугарските клубови се добро се развиваат и се надеваме дека Балканот ќе стане една сиилна светска џудо сила“, вели Лачезар Темелков, учесник од Бугарија.

 

 

Пред се турнирот има карактер за борби на деца млади пионери и пионерки и кадети и кадетки. За најдобрите клубот организатор има обезбедено благодарници, медаљи и пехари.

 

„Со џудото се занимавам околу 8 години, интересот за овој спорт кај младиите е се поголем. Пред околу еден месец учествував на балканското првенство за сениори каде што џудо федерацијата на Македонија беа домаќини. Јас го освоив третото место, прво место беше претставничката од Турција, а второ од Црна Гора“, кажа Александра Најдоска, член на џудо клуб „Сеишин“.

 

Главната цел на турнирот била ширење на џудото и негова популаризација како олимписки спорт и негово омасовување во Македонија. Прилеп пак може да се пофали како зачетник на џудото во Македонија.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien