Масовни апсења на демонстрациите во Русија

Над 270 поддржувачи на затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални се уапсени вчера за време на одржувањето на забранетите протести само пет месеци пред одржувањето на претседателските избори во Русија.

 

Протестите се совпаднаа со 65-тиот реоденден на рускиот претседател Владимир Путин, а најмногу уапсени имаше во неговиот роден град Санкт Петербург, каде се одржа и главниот протестен митинг.

 

Во Москва протестираа над илјада луѓе, главно млади, собрани на Пушкиновиот плоштад во улицата Тверскаја во центарот на градот без оглед на забраната која ја издадоа властите. Тие скандираа „Среќен роденден“ и „Путин, срам на Русија“.

 

Демонстрантите од властите бараа да му се овозможи на Навални да учествува на претседателските избори. Навални во понеделникот ги повика своите поддржувачи да излезат на улиците, откако беше осуден на 20 дена затвор поради повиците на забранетите протести. Ова е негов трет престој во затвор од почетокот на годината.

 

Властите велат дека тој не ги исполнува условите за претседателски кандидат, бидејќи има условна осуда за измама.

 

Немаше повторување на острите мерки од страна на полицијата како што беше случај на протестите организирани од Навални во март и во јуни, кога имаше насилство и неколку илјади апсења.

 

Путин сè уште не потврди дали ќе се кандидира на изборите, но се очекува сепак да бара нов шестгодишен мандат и со моменталната поддршка до 80 проценти од граѓаните, нема да му биде тешко да ги победи ветераните од претходните избори – лидерот на комунистите Генадиј Зјуганов, ултранационалистот Владимир Жириновски и либералот Григориј Јавлински.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien