Во Куба одбележани 50 години од смртта на Че Гевара

Десетици илјади лица се собраа денеска во кубанскиот град Санта Клара на церемонијата што е организирана во знак на сеќавањето на латиноамериканскиот револуционер Ернесто Че Гевара – 50 години по неговота смрт.

 

Меѓу присутните беше и неговиот стар пријател, кубанскиот претседател Раул Кастро, кој облечен во генералска униформа, положи бела роза на надгробниот споменик на Че Гевара.

 

Веќе пет децении името Че Гевара се наоѓа во секој агол на Куба – од пари, до билборди, а неговиот лик е еден од најпрепознатливите во Латинска Америка.

 

Посмртните останки на најпознатиот револуционер се наоѓаат во Санта Клара, од 1997 година. Околу 70.000 лица ги наполнија улиците пред мавзолејот во градот што се наоѓа на 300 километри источно од Хавана.

 

Санта Клара е местото на битката од декември 1958 година, по која кубанскиот диктатор Батиста замина во егзил.

 

Првиот потпретседател Мигел Дијас-Канел, кого го гледаат како наследник на Раул Кастро, во говорот на церемонијата го отфрли барањето на САД, неговата земја да го промени политичкиот и економскиот систем. Тој го осуди американскиот притисок врз Владата на Венецуела и како што наведе, напорите да се дискредитира кубанската индустрија на туризмот, Дијас-Канел истакна дека тие и некои други неодамнешни случувања во регионот докажуваат дека „никогаш не сме му верувале на империјализмот, дури ниту малку, никогаш“.

 

„Куба нема да прави отстапки што се однесува на нејзиниот суверенитет и независност, ниту ќе преговара за своите принципи, а нема да прифати ниту наметнати услови, порача Дијас-Канел, очигледно реагирајќи на неодамнешната изјава на американскиот претседател Доналд Трамп во ОН дека санкциите нема да бидат укинати се додека карипскиот остров не воспостави демократија и капитализам. Промените кои и се потребни на Куба, исклучиво ќе ги спроведе кубанскиот народ, нагласи Дијас-Канел.

 

Претходно Раул Кастро најави дека во февруари следната година, по истекувањето на мандатот, ќе ја напушти функцијата на претседател.

 

Се очекува дека ќе го замени Дијас-Канел (57) кој, во тој случај ќе стане првиот шеф на државата од раните шеесети години на минатиот век кој нема да го носи презимето Кастро.

 

Ернесто Гевара де ла Серна, познат како Че Гевара, или само како „Че“ е убиен на 9 октомври 1967 година во боливиските шуми. На Куба учениците се уште секој ден го започнуваат со поздравот со крената тупаници и извикот „пионери на комунизмот, ќе бидеме како Че“.

 

Раул Кастро заедно со Че се бореше во Кубанската револуција што ја предводеше неговиот брат Фидел Кастро и која во 1959 година доведе до симнување од власт на Фулгенсио Батиста.

 

Половина век од смртта на Че Гевара ќе биде одбележан и во Боливија, каде оваа година првпат и војската ќе учествува во комеморацијата.

 

„Да не умреше во Боливија во 1967 година, Латинска Америка денес ќе беше слободна, суверена, независна и социјалистичка, а тоа е она што го сакаше тој. Неговото мото беше „се или ништо“, наведе братот на Че, Хуан Мартин Гевара, кој живее во Аргентина.

 

Че Гевара во 1952 и 1953 година патувал во Латинска Америка и бил шокиран од економските разлики во регионот. Тој пат што траел девет месеци го овековечил со книгата „Дневникот на мотоциклистот“ врз основа на која во 2004 година е снимен и истоимениот филм.

 

И покрај постојаните патувања Че во 1953 година успеал да заврши медицина. По студиите и честите патувања на кои ги стекнал своите убедувања, Гевара, кој е роден во Росарио во Аргентина, во 1955 година во Мексико ги запознал Раул и Фидел Кастро и се приклучил на герилската борба на кубанската револуција, што ги донесе на власт во Хавана во 1959 година. Тоа случување му го променило животот.

 

Од своите кубански другари тој го задржал прекарот „Че“, што е типичен аргентински извик со кој се привлекува внимание на соговорникот, се поздравува или се изразува изненаденост.

 

Боливиската војска со придружба на двајца кубанско-американски агенти на ЦИА  на 8 октомври 1967 година го фатила Че со мала група изгледнети герилци.

 

Повреден во борбите, го одвеле Че во напуштено училиште во местото Ла Игера каде ја поминал последната ноќ. Следниот ден е убиен. Револуцијата што ја покрена во Боливија умре заедно со него.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien