Промената во Прилеп ќе ја донесе секој со својот глас. Без разлика дали станува збор за млад или стар, мајка или татко, бизнисмен или вработен, Македонец, Ром, Турчин, Србин или Бошњак, заокружувајќи го бројот 19 заокружуваме за промени кои значат живот во Прилеп за сите, изјави на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник Илија Јованоски.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Остануваат уште 6 дена до големиот ден, 15 октомври, кога ќе излеземе масовно од раните утрински часови, и ќе го заокружиме бројот 19, за да го донесеме заедно животот во Прилеп.
На 15 октомври ќе ставиме крај на сивилото во кое тоне нашиот град 12 години. Ќе ставиме крај на деструктивните политики на Никола Груевски, и неговата продолжена рака Марјан Ристески.
На 15 октомври секој од нас ќе ја донесе промената. Заокружувајќи го бројот 19, ќе заокружи нов локален економски развој.
Сточарот од Штавица, земјоделецот од Мало Коњари, млекарот од Тополчани, од сите населени места, ќе го дадат својот глас за да имаат поила за добитокот, вода во селото, пристапен пат до нивите, редовен превоз во градот.
Секоја млада мајка и млад татко без оглед на политичката провиниенција ќе го заокружат бројот 19, за да стават крај на партиските запишувања во градинките. За да си обезбедат сигурна грижа за своето дете, за изградба на нови градинки, ново училиште.
Секој млад прилепчанец ќе го заокружи бројот 19 за да ги користи грантовите од 10.000 евра за креативни бизниси, за стипендија за талентирани студенти, за младински бизнис инкубатор и старт ап компании, за нови работи места.
Секој бизнисмен ќе го заокружи бројот 19 за себе, за да стави крај на високите инспекциски казни, на заканите со хилти.
Секој вработен ќе го гласа бројот 19, затоа што со тоа избира повисока плата минимум за 3000 денари, а со тоа повисок животен стандард.
Секој домаќин ќе го заокружи бројот 19, зашто знае дека сметките за вода, следниот месец ќе бидат пониски за 20 отсто. Дека ќе има чиста вода за пиење и во доволни количества, евтина струја, затоа што нема да ја плаќа радиодифузната такса, и затоа што наскоро сите ќе имаат за 30 -40 отсто пониски трошоци за греење.
Промената во Прилеп, ќе ја донесе секој посебно со својот глас, и во населбата Тризла, Дабнички завој, населбите Дебарца и Мексико. Секој граѓанин ќе го заокружи бројот 19, зашто знае дека ќе има вода, струја, превоз за своите деца, повисока хигиена во населбата, а со посебен проект и стабилен дом, наместо картонска барака.
Мои сограѓани, Македонци, Роми, Турци, Срби, Бошњаци … драги мои прилепчани сите заедно во недела, ја носиме историската одлука за европски и урбан Прилеп.
Давајќи ми ја довербата мене за иден градоначалник на Прилеп, заедно ќе градиме, заедно ќе одлучуваме како и на што ќе се насочуваат вашите пари.
Заедно ќе работиме, градиме, отвораме нови фирми, нови работни места, нови градинки, патишта, водоводи …
На чекор сме до победата, до враќање на единството во Прилеп, до почетокот на реализацијата на новите проекти.
Се’ зависи од Вас, граѓаните. Затоа е потребна масовна мобилизација.
Сите заедно во недела, го заокружуваме бројот 19, а со тоа ги заокружуваме промените и на локално ниво.
Промени кои значат живот во Прилеп за сите“, изјави Јованоски