Вечерва ќе се знае дали Каталонија ќе прогласи независност

Facebook
Twitter
Email
Print

Претседателот на Каталонија Карлес Пучдемон вечерва треба да се обрати во каталонскиот парламент, а останува неизвесно дали по вечерашното обраќање во парламетот претседател Карлес Пучдемон ќе прогласи независност на Каталонија.

 

Пучдемон би требало да говори околу 18 часот и да извести „за актуелната политичка ситуација“.

 

Портпаролот на главната шпанска владејачка партија предупреди дека Пучдемон ризикува да биде уапсен ако прогласи независност.

 

„Историјата не смее да се повтори. Се надеваме дека ништо нема да биде прогласено, можеби затоа бидејќи и оној што ќе го стори тоа, би можел да заврши како оној што ја прогласи пред 83 години“, рече Пабло Касадо од владејачката Народна партија.

 

Касадо притоа мислеше на Луис Компанус, кој ја прогласи каталонската држава во 1934 година, а набргу потоа беше уапсен. Шест години подоцна е убиен за време на диктатурата на Франциско Франко.

 

Пучдемон во понеделник беше под голем притисок да ги напушти плановите за објава на независност на овој регион од Шпанија, откако стотини илјади унионисти викендов протестираа низ улиците на Барселона против прогласување на ваква одлука.

 

Според каталонскиот закон за референдум, кој Мадрид го прогласи за неуставен, со гласањето за независност денеска би започнал шестмесечниот процес на преговори за разделба со Мадрид, пред регионалните избори и конечниот чин на одвојување.

 

Шпанската влада пак објави дека веднаш ќе одговори на било какво гласање во собранието.

 

„Ги повикувам разумните луѓе во каталонската влада…не го поминувајте работ бидејќи со себе ќе ги повлечете и луѓето. Ако дојде до унилатерална објава на независноста, ќе бидат донесени одлуки за повторно воспоставување на правото и демократијата “, порача шпанската вицепремиерка Сораја Санез де Сантамарија.

 

Шпанскиот премиер Маријано Рахој не отфрла отстранување на каталонската влада и распишување на нови регионални избори ако Каталонија прогласи независност.

 

Станува збор за најголемата политичка криза во Шпанија откако стана демократија пред четири децении. Загубата на Каталонија, регион што има свој јазик и култура, Шпанија би ја лишил од петтина од економијата, дури и четвртина од извозот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи