Барселона слаба за Вардар во Скопје!

Тимот на Вардар славеше голема победа против европскиот гигант Барселона и покажа дека заслужено го носи епитетот најдобар тим на стариот континент.

 

Играчите на Раул Гонзалес предводени од големиот Штербик со 14 одбрани, не му дадоа никаква шанса на најтрофејниот клуб на сите времиња и пред 5500 навивачи во салата Јане Сандански успеаја да победат со резултат 27-24.

 

Оваа победа е втора по ред за Вардар над каталонскиот тим во Лигата на шампионите, откако лани избраниците на Раул Гонзалез славеа победа во полуфиналето во Келн.

 

Така македонските шампиони дојдоа повторно до првата позиција во групата А со вкупно 9 бода, што е од големо значење со оглед на фактот дека првата позиција води директно во четврт-финале, поради што претставува императив на секоја екипа.

 

Гонзалес не го криеше задоволството од победата, но истакна дека не треба да завладее еуфорија, бидејќи престојат уште натпревари.

 

„Ова е голем успех за Вардар, бидејќи Барселона е голема екипа и секогаш има еден од најдобрите тимови на светот. Што се однесува до мечот, на почетокот не се чувствувавме добро и затоа натпреварот почна со 2-3 разлика за нив, но потоа нашата одбрана функционираше супер, проработи Арпад Штербик и малку по малку станувавме подобри. Во второто полувреме немавме проблеми со нашиот напад, држевме 5-6 разлика. Знам дека сега изгледа дека сме најдобрите, но треба да го заборавиме ова, имаме само два бода повеќе од нив, треба секогаш да се бориме. Горд сум на моите играчи, денеска дадоа сè од себе, како и секогаш. Сега се концентрираме на нашиот следен меч, во вторник против Загреб во СЕХА“, рече шпанскиот тренер на Вардар.

 

Вуко Борозан со шест голови беше најефикасен во редовите на Вардар. Бекот на европскиот првак беше краток и јасен по мечот и се заблагодари на публиката за оргомната поддршка.

 

„Да и се заблагодарам на публиката која секогаш е нашиот осми играч, без нив немаше вака лесно да ја совладаме Барселона. Горд сум на играчите, играме сите како еден“, рече Борозан.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien