„Вардарки“ моќно против Турингер до убедлива победа

Европскиот вице првак Вардар ја оствари првата гостинска победа сезонава во групната фаза од лигата на шампионите, втора по ред во новиот циклус натпревари. На гостински терен кај Турингер победи со 29-21 (19-11) и го задржа првото место во групата.

 

Неизвесна битка се водеше до 10-тата минута, кога при 6-6, „Вардарки“ со серија од 6-0, резултатски се одлепија на 12-6. Иако Турингер намали на три разлика, девојките на Ирина Дибирова со нова серија од 5-0 дојдоа на 8 гола разлика и на пауза заминаа со 19-11.

 

Во второто полувреме Вардар неколкупати имаа и предност од 10 голови, а еднаш и „плус 11″ за водство 28-17 во 52 минута. Дибирова можеше да комбинира во второто полувреме со повеќе играчи, па речиси сите добија шанса за играње.

 

Голманите беа еден од клучните елементи за високата предност. Амандин Лејно одбрани 8 топки, а Ина Суслина една помалку. Најефикасна на теренот беше Јованка Радичевиќ со седум постигнати голови, додека по пет дадоа Пенезиќ, Лакрабер и Лекиќ.

 

Една од најзаслужните ракометарки за оваа висока победа Андреа Лекиќ, по мечот истакна дека Вардар првпат одигра добро во текот на сите 60 минути, а клучот на триумфот лежи во одбраната.

 

„Турингер веќе неколку години ни е познат противник. Сега уште подобро ги анализиравме. Тие се незгодна екипа и секогаш ни задаваа проблеми кога игравме тука со нив. Првпат игравме така добро и во целиот меч го контролиравме резултатот. Клучот лежи во одбраната, таа ни донесе лесни голови. Полека и добро ја подигаме формата за следните натпревари”, изјави Лекиќ.

 

Следен предизвик за „црвено-црните“ ќе биде гостувањето во Норвешка против екипата на Ларвик, која по првите две кола нема ниту еден освоен бод.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien