Преку 230 загинати во нападот со камион-бомба во Сомалија

Сомалискиот претседател прогласи тридневна жалост по денешниот напад со камион бомба во кој загинаа преку 230 луѓе, а 275 се повредени, што претставува најсмртоносниот напад во оваа африканска земја.

 

Експлозијата уништи неколку објекти и запали десетици возила кои се наоѓаа во непосредна близина. Нападот се случи во северниот дел од главниот град, каде што се наоѓаат голем број на маркети, ресторани и хотели, кога гужвата била најголема.

 

Иако никој не превзеде одговорност за нападот, сепак сомалискиот премиер Хасан Али Каире ја обвини сомалиската терористичка групација Ал Шабаб, која често извршува напади со цел да воспостави радикална исламска држава.

 

„Тие воопшто не се грижат за животите на луѓето во Сомалија, за мајките, татковците и децата. Цел на нападот беше најгусто населената област во главниот град Могадишу, убивајќи само цивили“, истакна премиерот.

 

Жителите на Сомалија се запрепастени од големината на нападот и силината на бомбата. Градоначалникот на Могадишу ги повика сите луѓе и претпријатија кои што располагаат со градежна машинерија да се упатат на местото на нападот со цел што е можно побрзо да им се помогне на повредените под урнатините, но и да се извлечат загинатите.

 

Сомалискиот претседател Мохамед Абдула, попознат како Фармаџо, им се придружи на илјадниците луѓе што донираа крв во болниците за да им помогнат на повредените.

 

„Ги повикувам граѓаните да излезат и да помогнат на повредените, да донираат крв, да се погрижат за настраданите. Да го пребродиме ова заедно“, изјави Мохамед.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.