Денес во седиштето на ФИФА, Цирих беше одржан жребот за баражните двојки за Светското првенство во Русија. Топчињата од садот ги влечеше легендата на Реал Мадрид и шпанскиот фудбал, Фернандо Јеро.
Италија како второпласирана од нашата квалификациска група нема да има нималку лесна задача за пласман на СП 2018, откако „аѕурите“ за противник во нокаут фазата ја добија селекцијата на Шведска. Скандинавците ја завршија квалификациската фаза во групата зад Франција, елиминирајќи ја Холандија, па сега ќе се обидат да земат скалп на уште еден фаворит.
Хрватска за противник ја доби Грција, балкански дуел во кој „коцкестите“ ќе влезат со улога на фаворити. Северна Ирска ќе игра против Швајцарија, додека Данска за противник ја доби Република Ирска.
Првите натпревари од баражот за СП 2018 ќе се играат меѓу 9 и 11 ноември, додека реваншите се закажани меѓу 12 и 14, истиот месец.
Бараж за СП:
Северна Ирска – Швајцарија
Хрватска – Грција
Данска – Р. Ирска
Шведска – Италија