Ако сте го гледале Единаесетмината на Оушн, запознајте ги Тунел 16

Неверојатен грабеж беше спречен во Сао Паоло, откако бразилската полиција откри тунел во должина од 500 метри, кој водел до сефот на една банка во која се чувале 240 милиони фунти.

 

Уапесена е шеснаесет члена банда која го ископала подземниот лавиринт и која го планирала најголемиот грабеж во историјата.

 

 

Тунелот почнувал од куќа која што била изнајмена и која што служела како база за операцијата на копање на истиот, но и за планирање на целиот грабеж и водел директно под трезорот во банката.

 

Полицијата истакна дека се користени дрвени плочи и железни стубови како потпора за сводот и ѕидовите од тунелот, а тунелот бил и целосно осветлен. Таа ги следела криминалците со месеци и чекала тунелот да биде завршен пред да стапи на сцена и да ги уапси.

 

„Бандата инвестирала околу 1 милион фунти во изградба на тунелот. Секој од челновите вложил по 48 000 и било планирано да украдат 240 милиони фунти. Тоа ќе беше најголемиот грабеж во светот“, изјави главниот инспектор на случајот Фабио Пинеиро Лопез

 

 

Лопез истакна дека иако бандата дошла до трезорот со својот тунел, тие не успеале да влезат во сефот. Дел од членовите веќе и биле познати на полицијата, односно веќе учествувале во грабежи на банки, како грабежот на Централната банка во Форталеза во 2005 и во грабежот на Итау во Паулиста во 2011.

 

Најголемиот грабеж на банка во историјата се случил во Багдад во 2007 година, кога од банката Дар Ес Салам биле украдени 212 милиони фунти.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.