ВИДЕО – Хаџи-Ристески : „Кабелнет“ се шири и во Битола

Оваа година еден од нашите најголеми прилепски брендови компанијата „Кабелнет“ одбележува 18 години од своето постоење, или полнолетство. Околу нејзиниот развој низ целиот овој период и идните планови Инфо Компас разговараше со директорот на „Кабелнет“ Горан Хаџи-Ристески. Тој истакна дека освен во Прилеп се прошириле и во Крушево и околните населени места. Нивната идна цел била следната пролет да започнат со пуштање на мрежа и во Битола. „Кабелнет“ исто така продолжувал да биде општествено одговорна компанија и да спонзорира голем дел од спортските и културни настани во Општина Прилеп.

 

 

Господине Хаџи-Ристески ја отворивте компанијата пред точно 18 години. Од денешна перспектива дали ги постигнавте зацртаните цели и до каде е развојот на компанијата?

 

Точно така, компанијата е започната со работа во февруари 1999 година. Компанијата ја отворија мојот татко Хари Хаџиристески заедно се Дејан Пеливаноски и Орде Иваноски, како една идеја за воведување на нови технологии. Во тој момент има само една кабловска телевизија на ниво на Македонија, Неткабел во Струмица. Превземеното искуство е од Бугарија, затоа што Бугарија во тој период најмногу вложува во кабелската технологија. Како идеја се стартува во Прилеп и компанијата работи успешно 18 години и успеа да воведе многу нови технологии и да го олесни животот и комуникацијата на прилепчани како локална компанија. Во тие 18 години доживува перманентен развој. Технологијата постојано оди напред, почнувајќи прво со аналогна телевизија во тој период, потоа продолжува со воведување на интернет. Во 2005 година се воведува интернетот и тука веќе почнува да се исполнува нашата мисија, односно воведуваме интернет кој во тој момент е многу скапа услуга за сите граѓани. Ние воведовме интернет кој ќе биде ефтин и достапен за сите. Успеавме да стигнеме до одредена бројка на корисници, кој што веќе продолжува многу брзо да расти, од причина што за тој период понудивме исклучително ефтина и квалитетна услуга. Успеавме да ја доставиме таа услуга до секој дом. Потоа продолжува преку дигитализацијата на кабелската телевизија. Имаме целосно дигитална кабелска телевизија со најсовремена опрема. Потоа преку воведување на оптичките кабли, преку воведување на сите нови технологии, воведување на ВОИП телефонија одлично стоиме на пазарот и одлично се развиваме. Се надевам дека ќе продолжиме со исто темпо.

 

На кои нови проекти работите во овој момент?

 

Пред една година ја променивме целата опрема на кабелската телевизија и интернетот, односно направивме нова систем сала. Со промената на таа опрема, добивме можности за поголеми брзини и поголем број на канали кои можеме да им ги понудиме на корисниците. Како втора фаза се наметнува потребата од обновување на секундарната мрежа, односно мрежата која што стасува до корисниците. Таа се состои од два дела. Првата е оптичкиот кабел за кој се трудиме да стаса што поблиску до домаќинствата, бидејќи оптичкиот кабел нуди една уникатна можност преку пасивна мрежа, значи мрежа кој што не е зависна од струја и е многу малку подложна на дефекти, бидејќи не зависи од временските услови, не зависи од потребата на електрична енергија и има огромен потенцијал за проток на информации, скоро неограничен. Со подобрување на опремата во систем салата имаме можност да им понудиме големи брзини на нашите корисници. Се направи еден оптички ринг, односно два оптички ринга кои што почнуваат и завршуваат во нашата база. Тој оптички ринг гарантира дека услугата кај клиентот ќе биде постојана, континуирана и дека доколку има прекин, клиентот би ја добил услугата од другата страна прстенот. Со тој прстен се обезбедува прекинот кај корисникот да биде многу краток. Со едно обично преместување на сигналот, корисникот продолжува да добива сигнал, а ние сме во можност да го отстраниме дефектот без да почувствува клиентот. Таа примарна оптичка мрежа е завршена, односно двата оптички прстени се завршени. Сега следува имплементација на секундарната, односно и терцијална мрежа веќе, каде се оди со коаксијален и со лан кабел до самиот корисник. По потреба на клиентот може да добие и оптички пакет, каде што ќе ги добие сите бенефити на оптичкиот кабел. Добиваме една огромна стабилност на мрежата и на размената на информации со клиентите. Наредната фаза ја започнуваме со имплементација прво во колективните стамбени згради, каде што веќе се работи на внатрешната инфраструктура, се поставуваат канали преку кои е стасано до секој влез со оптичка мрежа. Тоа беше заеднички проект на трите кабловски оператори кои што оперираат во Прилеп, со исклучок на Телеком кој не сакаше да учествува. Имаше иницијатива и од локалната самоуправа која ја намали цената по метар должина, и успеавме заедно да направиме еден проект со кој цела инфраструктура ќе ја внесиме под земја до секоја зграда, како на пример во зградите кај болницата, Точила, Димо Наредникот, односно такви населби каде што има комплекс на згради каде што можеме подземно да стигнеме. Меѓутоа тоа е еден многу скап проект и не можевме ние сами како Кабелнет да го направиме, а веруваме дека и другите компании не можеа сами да го направат, па на задоволство на сите заедно се договоривме и го направивме тој проект. Стигнавме до имплементација до внатрешноста на зградите. Станарите во Димо Наредникот се запознати со оваа услуга, бидејќи веќе ја добиваат истата преку новите кабли. Сите дефекти таму се сведени на минимум и стабилноста на мрежата е огромна. Во тој дел корисниците би добивале многу поквалитетна услуга за истата цена. И сите оние кабли кои што висеа по фасадите и по зградите ќе бидат отстранети, односно ќе се смени изгледот на тие населби. Наредна населба е Точила, која што сметаме дека ќе биде завршена во текот на оваа година. Во некои згради веќе се пуштени тие канали што треба да се пуштат, во некои не се, но на задоволство на сите корисници тој проект ќе биде завршен до новата година.

 

 Дали освен во Прилеп започнавте со ширење на мрежата и во околните населени места и околните градови како Крушево?

 

Точно така, пред три години се договоривме со кабелскиот оператор во Крушево, постигнавме договор на заедничка соработка да оперираме со мрежата на тој оператор, бидејќи сме поголема компанија која што може да обезбеди подобри услови и од пред неполна година имаме оптички кабел до Крушево, каде што на наше огромно задоволство и на задоволство на корисниците во Крушево, можат да добиваат, а и добиваат веќе потполно исти услови како корисниците во Прилеп. Поставувајќи ја таа попатна мрежа до Крушево, ги опфативме и околните населени места Кривогаштани, Кадино Село, а сега се поставува и мрежата во Мало и Големо Коњари, но и во останатите населени места. Во сите тие места влегуваме со наша технологија и се надеваме дека ќе бидат задоволни како наши корисници. Телеком таму преставуваше монопол, но имаше проблем со инфраструктурата, бидејќи немаше исплатливост за било кој таму да отвори и оперира со своја мрежа, таму се се оперираше со застарена технологија, односно застарена мрежа и не можеа да се понудат модерните трендови на развој на кабелската телевизија и интернетот. Сметам дека тука ќе понудиме многу на нашите корисници од тие населени места, каде што веќе има голем интерес. Меѓутоа таму има мал број на домаќинства, а се работи за голема територија, односно е ретко населено и целата операција оди малку поспоро отколку што очекувавме, но во секое населено место полека се гради мрежата и се приклучуваат корисници. Од наредната пролет очекуваме да пуштиме мрежа и до Битола. Имаме обезбедено оптичка мрежа и очекуваме да почниме да поставуваме приклучоци и во Битола. Тоа е наш развоен план, каде што сметаме дека имаме доста квалитетна и конкурентна услуга и сметам дека и Битолчани ќе можат да ги користат нашите услуги од наредната година.

 

Освен што инвестирате во развојот на компанијата, Кабелнет е и општествено одговорна компанија која што спонзорира голем дел од спортските и културните настани кои што се случуваат во нашиот град?

 

Кабелнет долги години е спонзор на спортските клубови од Прилеп. Долги години беше еден од главните спонзори на фудбалскиот клуб „Победа“. Во моментот не ја спонзорира „Победа“ од причина што имаме огромни финансиски инвестиции. Сè ова што го кажував претходно е многу скапо и бара премногу инвестирање и откажување од спонзорствата, од причина што се потребни големи средства со цел да се исполни и навремено да се заврши сето тоа. Меѓутоа секогаш сме тука на располагање да помогниме на помалите клубови. Спонзорираме џудо турнири, спонзорираме две екипи во лигата во мал фудбал. Во секоја прилика, на сите културни манифестации помагаме. Спонзориравме и за Пиво Фест, иако не е наша бранша, car-moto шоуто кое што беше за 11 Октомври, мото собирот што го организираат Рисови, односно секаде каде што можеме да помогнеме излегуваме во пресрет и сметам дека сме доста општествено одговорна компанија и ќе продолжиме така и во иднина.

 

Кабелнет и вашата фамилија е поврзана со најголемиот спортски бренд од Прилеп – ФК Победа. Дали повторно би се вратиле назад во „Победа“ на некаков начин?

 

Ни како фамилија, ни како фирма ние не сме откажани од „Победа“. Без разлика дали сакаме или не, „Победа“ е врежана длабоко во мојата фамилија и помагаме на секаков можен начин. Прва прилика кога би се намалиле инвестициите, би се вратиле да инвестираме во „Победа“. Не сме откажани од брендот „Победа“.

 

Дали засега би инвестирале во некои помали фудбалски клубови?

 

Инвестираме во клубови кои се натпреваруваат во една нова лига во мал фудбал, натпревари кои се одржуваат на теренот со вештачка трева во Точила. Помагаме две екипи, за кои што плативме котизација и спонзорство за дресови, со цел да можат екипите да се натпреваруваат. Едната екипа е Кабелнет, а другата Кабелнет со Изофас заедно. Победа е голем залак и стварно се потребни многу средства и голем ангажман бидејќи фудбалот е најскапата споредна работа. Јас бев и лично вклучен во организација и знам дека е стварно многу тешко да се менаџира со еден таков колектив, бидејќи не е исто како фирма. Фудбалот е нешто сосема друго, каде што се вклучени емоции, каде што се вклучени сите пропратни работи, односно и публика и сè и мислам дека треба да се организира на едно многу повисоко ниво и Прилеп заслужува да има еден таков бренд како нашата „Победа“.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.