Шпанија ќе ја укине автономијата на Каталонија

Шпанија в сабота ќе почне постапка за укинување на автономијата на Каталонија откако нејзиниот лидер Карлес Пуџдемон се закани дека ќе прогласи независност. На вонредната седница ќе бидат усвоени и проследени мерки во Сенатот за да се заштитат интересите на сите Шпанци, вклучувајќи ги и граѓаните на Каталонија и да се воспостави уставен поредок во Каталонија, се вели во соопштението.

 

Кабинетот на премиерот Маријано Рахој денеска соопшти дека владата ќе разговара за активирање на членот 155 од Уставот, кој му дозволува на Мадрид да ја преземе директната контрола врз регионите кои не ги почитуваат законските обврски.

 

Мадрид му даде рок на Пучдемон до денеска да ја повлече заканата за прогласување на независност, а во спротивно Шпанија ќе ја укине автономијата на овој регион.

 

Место да го испочитува ултиматумот на Мадрид, во писмото што го испрати до шпанскиот премиер Маријано Рахој, Пучдемон вели дека дијалогот е единствениот начин за излез од кризата. Тој го обвини Мадрид за насилен обид за задушување на движењето на независност откако двајца негови лидери беа уапсени пред неколку дена.

 

„Укинувањето на декларацијата за независност е сè уште можност. Шпанската влада е решена да го активира членот 155 од уставот, доколку добие поддршка од Сенатот. И покрај нашата желба да има дијалог, фактот дека единствениот одговор што го добивме е дека нашата автономија ќе биде укината, кажува дека вие не го разбирате проблемот. Ако шпанската влада продолжи со репресијата, ние ќе немаме друг избор освен и официјално да прогласиме независност на Каталонија“, стои во писмото на Пуџдемон до Рахој.

 

Член 155 од уставот на Шпанија од 1978 година, со кој беше воспоставена демократијата по смртта на генерал Франко, му дозволува на Мадрид да ја преземе контролата и власта во период на криза.

 

„Владата изразува жалење поради ставот на каталонската влада која сака, намерно и ситематски, институционална конфронтација и покрај сериозната штета која им е нанесена на соживотот и економската структура на Каталонија. Никој не се сомнева дека шпанската влада ќе стори се што може за да го врати уставниот ред“, изјави министерот Иниго Мендез Де Виго.

 

Странските медиуми оценуваат дека по ова најверојатно ќе се запали „искрата“ помеѓу Мадрид и Барселона, а постојат и стравувања дека спорот може да прерасне и во граѓанска војна.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien