Германската канцеларка Ангела Меркел во раните утрински часови излезе пред новинарите во Брисел со објаснување дека ЕУ има намера да ја скрати финансиската помош што Турција ја добива во рамките на подготовките за приклучување кон Унијата. Шефовите на држави или влади на Унијата биле единствени во ставот дека т. н. подготвителна помош треба да се скрати на „одговорен начин“. Од друга страна пак Анкара и натаму ќе ги добива милијардите евра за сириските бегалци.
Меркел изјави дека од нејзин агол на гледање „ситуацијата со човековите права“ во Турција е „апсолутно незадоволителна“. Земјата се оддалечува „чекор по чекор од она што ние го подразбираме под правна држава“, рече германската канцеларка, која го известила врвот на ЕУ „колку страдаме што, според нас, германски граѓани неправедно се во затвор во Турција“.
Оттука, не доаѓа предвид во моментов со Анкара да се преговара за модернизација на царинската унија, рече Меркел. Ова беше едно од ветувањата кои ЕУ минатата година ѝ го даде на Анкара во врска со договорот за бегалците. Учесниците на самитот на ЕУ сметаат дека Турција и натаму „прави многу за луѓето кои бегаат од Сирија“, подвлече германската канцеларка. Затоа, ЕУ ќе стои до своето ветување и ќе стави на располагање натамошни три милијарди евра за згрижување на бегалците.
Во врска со барањата кои се слушнаа во кампањата пред изборите во Германија за прекин на преговорите со Турција за приклучување кон ЕУ, Меркел призна дека меѓу шефовите на држави или влади на ЕУ „во основа нема мнозинство“ за поддршка на такво нешто. Доколку се прекинат преговорите, би запрела сосема и финансиската помош што Турција ја добива во рамките на подготовките за приклучување кон Унијата. Анкара во периодот од 2014 до 2020 година треба да добие 4,45 милијарди евра за таа цел. Досега се исплатени 258 милиони евра.