Нови правила за патување во ЕУ за граѓаните на земјите од Западен Балкан

Facebook
Twitter
Email
Print

Државјаните на земјите од Западен Балкан за патување во шенген зоната, ќе мора претходно да бараат одобрување од надлежните служби во ЕУ. Иако нема да биде потребно да вадат визи, сепак секој кој сака да патува во ЕУ ќе мора да пополни електронски формулар и да добие одобрување.

 

Шенгенскиот простор, за кој ќе важат новите правила, опфаќа 26 земји, меѓу кои и Швајцарија, Норвешка, Лихтенштајн, Исланд и членките на ЕУ, освен Велика Британија, Ирска, Кипар, Романија, Бугарија и Хрватска.

 

Овој нов систем е наречен Европски систем за информации и одобрување на патувањата – ЕТИАС, според примерот од процедурата на Електронскиот систем за патнички дозволи – ЕСТА, кој од 2009 година важи и во САД. Врз база на тоа, ќе се врши контрола на 39 милиони патници од шеесетина земји кои можат да влезат на територијата на ЕУ без виза. Според искуствата од САД, се одбиваат околу 0,1 проценти од барањата за влез.

 

„Ова е електронско одобрување кое им дозволува на државите и на нивните државјани да патуваат во шенгенскиот простор. Разликата меѓу одобрувањето ЕТИАС и визата на ЕУ е во тоа што ова ново одобрение е всушност автоматизиран и централизиран процес на шенген-зоната, додека визата за ЕУ се обработува во секоја земја поединечно од страна на службениците за одобрување визи во секоја земја-членка. Овој систем е сличен со системот ЕСТА во САД или ЕТА во Канада“, стои во образложението на официјалната страна на ЕТИАС.

 

Во Европската комисија се свесни за интересот, но и за погрешната перцепција на граѓаните во врска со новиот документ, кој за неколку години би можел да стане неопходен при влезот во Шенген-просторот.

 

„ЕТИАС не се визи, туку едноставен и евтин безбедносен механизам кој се применува на сите земји чии граѓани патуваат без визи во Шенгенскиот простор, вклучувајќи ги и Канада и САД. Граѓаните кои веќе уживаат безвизен режим и натаму ќе патуваат без визи, со добивање едноставно патно одобрение пред влезот во Шенгенскиот простор. Во прашање е мал процедурален чекор, кој во најголем број случаи ќе го олесни патувањето во ЕУ, ќе ја засили заедничката безбедност и ќе ја избегне бирократијата и задржувањата при доаѓањето“,  им порачува на граѓаните од Западен Балкан еврокомесарот за внатрешни работи, Димитрис Аврамопулос.

 

Европската комисија стави до знаење дека до сега има 50 земји на чии граѓани не им е потребно виза за влез во ЕУ, а се очекува дека шенгенските граници во 2020 година ќе ги преминуваат над 39 милиони странци.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи