За прв пат по 1991 година САД ќе ги стават нуклеарните бомбардери „Б-52“ во состојба на 24-часовна готовност, изјави генерал на американското воено воздухопловство. Генералот Дејвид Голдфајн откри дека за прв пат по завршувањето на Студената војна, може да се каже дека американската армија е подготвена за употреба на најмоќното оружје на светот.
„Светот е опасно место и постојат луѓе кои отворено зборуваат за употреба на нуклеарно оружје. Повеќе не станува збор за биполарен свет во кој постоиме само ние и Советскиот Сојуз. Имаме и други играчи со нуклеарни капацитети. Никогаш претходно не било поважно да обезбедиме дека ќе бидеме успешни во својата мисија“, изјави генералот за порталот Дифенс Уан.
Тој додаде дека во тек се реновации во некои бази и подготовки за заминување на екипажи кои ќе учествуваат во опремувањето на бомбардерите за состојбата „спремност за тревога“.
Одлуката би требало да ја донесат командантот на Стратешката команда, генерал Џон Хитен или главниот човек на Северната команда Лори Робинсон. Стратешката команда е надлежна за нуклеарното вооружување на воените сили на САД, а Северната команда за одбрана на Северна Америка.
Администрацијата од Белата куќа на чело со американскиот претседател Доналд Трамп се одлучи да повлече еден ваков драстичен потег затоа што тензиите со Северна Кореја не престануваат веќе со месеци, а нема ниту никакви најави дека кризата на релација Вашингтон – Пјонгјанг ќе се смири во догледно време.
Пјонгјанг пак, го забрза развојот на својата нуклеарна програма и интерконтиненталните ракети, а Ким Јонг Ун и Доналд Трамп веќе некое време разменуваат закани со војна. Северна Кореја минатата недела се закани со „незамислив напад“ врз САД и ги обвини Трамповата администрација и Јужна Кореја дека „се обидуваат по секоја цена да предизвикаат војна на Корејскиот Полуостров“.