Пет тони храна или повеќе од 16.000 оброци за граѓаните од социјално ранливи категории беа собрани во еднодневната акција „Нахрани 1.000”.
Во акцијата што се одржа по повод Светскиот ден на сиромаштијата, 17 октомври, се вклучија повеќе од 1.000 граѓани и 16 компании. Целта беше подигање на општествената свест за донирање храна на лицата на кои им е најпотребна.
„Со ова се потврдува потребата од почесто организирање вакви настани, но и можно претворање на оваа акција во традиционален годишен настан, бидејќи граѓаните од ранливите категории секојдневно се соочуваат со недостиг на храна“, велат организаторите.
Зад „Нахрани 1.000” застанаа граѓанската иницијатива „Мрдни со прст“, Црвениот крст на Град Скопје, организацијата „Ајде Македонија”, Здружението на граѓани за помош на бездомници и загрозени семејства „Љубезност“, Сојузот на извидници на РМ и организацијата „АДРА“.
Конзервирана и нерасиплива храна се собираше на пет штандови во центарот на Скопје. Акцијата наиде на огромен одѕив кај граѓаните, бизнис заедницата и вработените од 16 компании во Скопје.