Доделени уверенијата на новоизбраниот градоначалник и членови на Советот на Општина Прилеп

Општинската изборна комисија денеска им ги додели уверенијата на новоизбраниот градоначалник и членови на Советот на Општина Прилеп. Од ОИК истакнаа дека според Донтовиот модел ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоила 12 мандати, а коалицијата предводена од СДСМ 15 мандати.

 

„Согласно изборниот законик член 37 Општинската изборна комисија денеска на избраните кандидати им ги додели уверенијата за нивниот избор и тоа на избраниот градоначалник на Општина Прилеп и на избраните членови на Советот на Општина Прилеп. Како што знаете изборите се одржаа на 15.10.2017 година, изборниот процес заврши во првиот круг на гласање. ДИК со посебен заклучок од 24.10.2017 објави конечност на изборните резултати. По што и ОИК ги објави конечните резултати. Според овие резултати во првиот круг на гласање избран е кандидатот од коалицијата предводена од СДСМ, г-динот Илија Јованоски. Во поглед на изборот на членови на Совет коалицијата од ВМРО-ДПМНЕ според Донтовиот модел освои 12 мандати, а коалицијата предводена од СДСМ освои 15 мандати. На градоначалникот и на членовите на Советот им го честитам изборот и им посакувам успех во наредниот 4 годишен период“, истакна Каролина Шукуроска, претседател на ОИК Прилеп.

 

Советниците од СДСМ истакна дека Советот немало повеќе да биде гласачка машинерија по волја на градоначалникот и дека членовите во мнозинството на Советот предводени од СДСМ ќе биле активно вклучени во решавањето на проблемите на граѓаните и она што го ветиле за време на изборите.

 

„Денеска од страна на ОИК беа врачени решенијата на 27 избрани советници во Советот на Општина Прилеп. Коалицијата предводена од страна на СДСМ го има мнозинството во Советот на Општина Прилеп со освоени 15 членови во советот, наспроти 12-те членови на опозоционата ВМРО-ДПМНЕ. Ова е волја на граѓаните која што е отсликана без притисоци, закани и уцени. Утре ќе се одржи конститутивната седница на Советот на Општина Прилеп на која што ќе бидат верифицирани 27-те мандати на членовите на Советот. На таа седница ќе биде избран и новиот претседател на Совет. Конечно Прилеп ќе добие отворена и услужна Општина, конечно Прилеп ќе добие Совет кој што ќе ги решава проблемите на Општина Прилеп. Сакам да најавам дека нема да се повтори она правило кое беше воспоставено во пракса дека Советот ќе биде гласачка машинерија по волја на градоначалникот. Членовите во мнозинството на Советот предводени од СДСМ ќе бидат активно вклучени во решавањето на проблемите на граѓаните и она што го ветивме за изборите тоа и ќе го реализираме во периодот кој доаѓа ќе има живот за сите“, истакна Миле Талески, советник во Совет на Општина Прилеп од СДСМ и коалицијата.

 

 

Новите советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата рекоа дека ќе бидат најјаката опозиција која ќе била коректив на владеењето на СДСМ на локално ниво.

 

„Откако изборните резултати станаа официјални преку соопштувањето на ДИК денеска ни беа врачени увренијата за советници во новиот Совет на Општина Прилеп. Во изминативе 12 години кога ВМРО-ДПМНЕ практикуваше водење на власта на локално ниво како партија направивме многу за да денес нашиот град биде еден од најрепрезентативните градови во нашата држава. Сакам да им се заблагодарам на сите граѓани од нашата Општина 20.226 гласачи кои што ја дадоа поддршката за советничката листа за ВМРО-ДПМНЕ, а впрочем не задолжија и понатаму да работиме за доброто на граѓаните на Општина Прилеп. Ветуваме дека од советничките клупи ќе бидеме најјаката опозиција која ќе биде коректив на владеењето на СДСМ на локално ниво“, кажа Ирена Стерјоска, советник во Совет на Општина Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.