Обвинителство бара 10 години затвор за обвинетите за грабежот во НЛБ

Основното јавно обвинителство Скопје, во завршните зборови за милионскиот грабеж во НЛБ, денеска побара од судот на обвинетите да им одреди највисока казна, која според Кривичниот законик изнесува 10 години затвор.

 

Обвинителството бара највисока казна за првообвинетиот Бобан Смилевски бидејќи ја искористил довербата во банката и ги убедил другите да ги уништат доказите по кражбата, додека за неговиот брат, Горан Смилевски, се бара идентична казна бидејќи откако ги примил парите, го фрлил телефонот и не открива каде се парите.

 

„И се извинувам на сопругата што ја оставам со две малолетни близначиња. Му се извинувам на внукот што го оставам без татко. И се извинувам на Тутунска банка и на родителите за нанесениот срам, стрес и шок“, изјави Бобан Смилевски.

 

Трезористот во завршните зборови ја призна вината и рече дека парите ги украл оти бил во долгови и тој и семејството биле под закани.

 

„Делото не е од лукративна причина и не е да се оствари имот за себе или било кој друг. Сум бил во долгови и во последните два месеци бев под закани јас и семејството. Губењето самоконтрола ме доведе до ова. За себе можам да кажам дека сум бил пример во приватниот живот, општеството, а до кражбата за себе можам да кажам дека не сум бил криминалец, ниту имам криминален ум. Еднаш во животот сум згрешил и по настанот сум се пријавил кај директор.  Второ и третообвинетиот ненамерно сум ги вмешал, за себе ги барам и нивните казни. Колку е поблага казната и колку побргу се вратам во општество толку побрзо ќе почнам да придонесувам“, рече Смилевски.

 

Според обвинителството единствената олеснителна околност која може да влијае на намалување на казната е тоа што обвинетите претходно немале кривични дела. За грабежот се обвинети уште четири службеници во банката, кои не признаа вина и за нив постапката е одвоена.

 

Адвокатите на обвинетите, пак, бараат поблаги казни бидејќи нивните клиенти ја признале вината и биле угледни луѓе во општеството, односно Горан Смилевски е претседател на Синдикатот на вработените во Народна банка, поради што, според неговиот адвокат, уживал висок општествен углед и добивал признанија и високи оценки за неговата работа.

 

Надлежниот обвинител, кој го води предметот, поднесе обвинителен предлог против други четири лица, кои како одговорни лица во банката „несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности“ и со тоа ја овозможиле кражбата на големата сума пари. Тие се товарат за несовесно работење во службата. Постапката против овие четири лица продолжува одвоено.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien