Владата на сирискиот претседател Башар ал Асад е одговорна за смртоносниот напад со гасот сарин врз градот Хан Шеихун во април оваа година, се наведува во извештајот на ОН.
Во документот се додава дека комисијата на ОН е „убедена дека Сириската арапска република е одговорна за употреба на гасот сарин во Хан Шеихун на 4 април 2017 година“.
Саринот се смета оружје за масовно уништување, а производството и складирањето на тој гас се незаконски според Конвенцијата за хемиско оружје од 1993 година.
Повеќе од 87 лица, меѓу кои 30 деца, загинаа во нападот со нервен гас врз градот кој се наоѓа во сириската провинција Идлиб.
Откако страшните фотографии по нападот предизвикаа гнев ширум светот, САД истрелаа крстосувачки ракети врз сириска воздухопловна база, од која Западот тврди дека започнал нападот.