Трамп го блокира објавувањето на документите за убиството на Кенеди

Facebook
Twitter
Email
Print

Американскиот претседател Доналд Трамп го блокира објавувањето на повеќе стотини документи за убиството на Џон Кенеди во 1963 година. Toj буквално во последна минута потклекна под притисокот на тајните служби. Според наводи на владини претставници, ЦИА, ФБИ и други служби побарале дел од документите да не бидат објавени, а ако се планира објавување, претходно да бидат подложени на „уредување“.

 

Чувствителните документи, според наводи на Белата куќа, содржат информации за идентитетот и улогата на информантите. Се работи за десетици, а можеби и стотици илјади страници. Затоа Трамп на службите им даде рок од 6 месеци да ги прегледаат и обработат соодветните документи и да објаснат зошто одредени документи не смееле да бидат објавени.

 

Трамп обајснува дека немал друг избор, освен да прифати ваква постапка, но додаде дека издал наредба за конечно симнување на велот на тајната од документите. По истекот на рокот ќе биде објавено сѐ што е  можно да се објави.

 

Трамп минатиот викенд најави комплетно објавување на тајните документи за Кенеди. Уште во 1992 година Конгресот донесе закон за објавување на речиси сите од околу 5 милиони акти за смртта на Кенеди. Дел од нив имаa рок на тајност од 25 години, кој истече на 26 октомври.

 

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова вчера изјави дека обидите за поврзување на Русија со атентатот на Џон Кенеди се „дивјачки инсинуации”, кои предизвикуваат „шок”.

 

Кенеди беше убиен во Далас, на 22 ноември 1963 година. За убиството беше уапсен Ли Харви Освалд, кој два дена потоа беше убиен од страна на Џек Руби. Истрагите на Комисијата за убиството го донесоа заклучокот дека Освалд дејствувал сам.

 

Сепак, убиството со неколку истрели на 35-тиот американски претседател до денес е причина за многу теории на заговор.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи