Американската федерална порота во Вашингтон ги издаде првите обвиненија во истрагата за наводното руско мешање во изборите на САД во 2016 година, предводена од специјалниот истражител Роберт Мулер, објавија американските медиуми.
Обвиненијата се запечатени по налог на федерален судија и не е позната нивната содржина, а секој кој се соочува со обвинение може да биде уапсен во понеделник.
Мулер води истрага поради наводни нелегални контакти со Русија од страна на изборниот тим на американскиот претседател Доналд Трамп, како и поради сомневања за руски хакерски напади во полза на Трамп. Според американските медиуми, специјалниот иследник се интересирал и за околностите кои довеле до отпуштање на првиот советник на Трамп за национална безбедност, Мајкл Флин, како и на поранешниот шеф на ФБИ, Џејмс Коми.
Трамп го отпушти Коми на почетокот на мај, а подоцна отказот го доведе во врска со истрагата за руските врски. По отказот за Коми, Министерството за правда на САД го назначи Роберт Милер за специјален иследник.
Милер во рамките на истрагата иницираше создавање Голема порота, која заседава тајно, може да собира доказен материјал, да сослушува сведоци под заклетва и, како што сега тврди Си-Ен-Ен, да покренува обвиненија.
Трамп ги отфрли обвинувањата дека неговиот штаб соработувал со Русите и ги осуди истрагите како прашање на лов на вештерки.