Според првичните информации осум лица се убиени кога пикап влетал на велосипедска патека во долниот дек на Менхетен во Њујорк. Возачот на камионот, откако прегазил неколкумина удрил во училишен автобус и повредил четворица кои биле во автобусот, но тие поминале со полесни повреди.
Полицијата претходно објави дека повеќе луѓе биле повредени во нападот што градоначалникот Бил Де Бласио го нарече „особено кукавички чин на терор насочен кон невини цивили“.
„Најмалку осум се мртви и неколкумина повредени, откако возач на камион возел во погрешна насока по прометна велосипедска патека“, истакна градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио.
Гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, рече дека тоа е напад на „осамен волк”, додавајќи дека нема докази дека тоа е дел од „поширок заговор или поширока шема”.
Полициската станица во Њујорк наведе дека возилото удрило во велосипедисти и пешаци пред да удри во друго возило, а возачот излегол и имитирал пукање од пиштол кон полицијата. Човекот бил застрелан и уапсен од полицајците.
Претседателот на САД Доналд Трамп на Твитер напиша : „Нападот во Њујорк, изгледа како нов напад од многу болен и пореметен човек“.
Сведоци велат дека осомничениот извикувал „Алах е голем“. Одделот за тероризам на ФБИ ја презеде истрагата.
Канцеларијата на гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, објави дека тој веднаш се упатил кон местото на настанот.