БиХ екстрадираа осомничен исламист во САД, се криел во Сараево

Мирсад Кандиќ, еден од најбараните соработници на Исламска држава во светот, вчера од сараевскиот аеродром со специјален авион беше депортиран во САД, објавија сараевските медиуми.

 

Кандиќ, лице со неколку идентитети, роден во 1981 година на Косово, американските власти го бараат поради долгогодишни врски со терористичките организации.

 

Налогот за апсење на Кандиќ американското правосудство го издаде во 2014, а меѓународна црвена потерница на Интерпол по него беше распишана во 2016. Од јануари годинава Кандиќ се криеше во БиХ.

 

„Окружниот суд на Соединетите Држави, Источен округ Њујорк, го бара Мирсад Кандиќ поради кривични дела – заговор во пружање материјална поддршка и поддршка во луѓе на странска терористичка организација“, се вели во документите за екстрадицијата.

 

Потрагата по него почнала пред неколку месеци, а на крајот на јуни било утврдени дека се наоѓа во сараевската населба Грбавица, каде на 4 јули годинава го уапсиле припадници на Агенцијата за истраги и заштита на БиХ (СИПА). Бил држен во строг притвор се до денешната екстрадиција во САД.

 

Кандиќ е обвинет дека и се приклучил на групата Исламската држава (ИД) во Сирија, каде бил задолжен за набавка на експлозивни појаси, кои ги користеле бомбашите-самоубијци, како и на пешадиско оружје. Обвинет е и дека учествувал во подготовката на нападот што во 2015 година во ирачкиот град Рамади го изврши 18-годишниот австралиски исламист Џејк Биларди.

 

Агентите на ФБИ со години собирале информации за активностите на Кандиќ и утврдиле дека тој користел пет различни идентитети за да патува низ светот.

 

Во изминатите години најмногу време поминувал во Рака, престолнината на т.н. Исламски Калифат, што го прогласи ИД, а се претпоставува дека на почетокот на 2017 година пристигнал во БиХ користејќи лажен украински пасош.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien