Пентагон: Копнена инвазија е единствениот начин да се уништи нуклеарната програма на Северна Кореја

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Единствениот начин севернокорејската програма за нуклеарно оружје да биде загарантирано уништена е копнена инвазија, изјавува Пентагон во писмо до американски конгресмени, цитирано од Ројтерс.

 

Писмото е одговор на Мајкл Думонт, заменик-директор во Советот на генералштабовите на вооружените сили на САД, на барање на двајца членови на Претставничкиот дом, демократите Тед Лу и Рубен Гајего, кои побарале проценка за очекуваните човечки и материјални загуби и можните воени операции во случај на конфликт со Северна Кореја.

 

„Единствениот начин да се лоцираат и обезбедат сите места каде што Северна Кореја има нуклеарно оружје со целосна сигурност е инвазија“, се вели во новото писмо на Пентагон, кое опишува како потенцијална војна на Корејскиот Полуостров би можела да изгледа.

 

Според анализата на Генералштабот, сериозен проблем е тоа што Сеул, главниот град на Јужна Кореја чие население е приближно еднакво на населението на Северна Кореја, се наоѓа на само 50-ина километри од границата со Северна Кореја и може лесно да биде погоден од сконцентрираната севернокорејска артилерија, што би предизвикало огромни цивилни жртви. За прашањето на жртвите, Думонт истакнува дека бројот ќе зависи во голема мера од природата, интензитетот и времетраењето на можниот напад на Северна Кореја.

 

Покрај нуклеарното оружје и илјадниците топови свртени кон Сеул, Северна Кореја располага и со хемиско и биолошко оружје, кое се чува во утврдени постројки закопани длабоко под земја.

 

„Во случај на конфликт, Пјонгјанг би можел да користи биолошко и хемиско оружје. Северна Кореја има развиена програма на хемиско оружје и може да произведува разни отрови за напади“, предупредува Пентагон

 

Барањето да се информира Конгресот за армиските проценки за евентуален напад врз Северна Кореја доаѓа во време кога претседателот Доналд Трамп е во посета на Источна Азија, вклучително и Јужна Кореја и Јапонија, двете земји кои се чувствуваат најмногу засегнати од евентуалните агресивни чекори на Северна Кореја. Трамп и севернокорејскиот водач Ким Јонг-Ун разменија закани за меѓусебно уништување во изминатите месеци.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи