Русија го донесе законот за регистрација на странските медиуми како „странски агенти“

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Руските пратеници изгласаа закон според кој владата може да ги прогласи медиумите кои се финансирани од странство за „странски агенти“.

 

Долниот дом на рускиот парламент денеска едногласно го донесе законот според кој владата може да ги прогласи медиумите кои се финансирани од странство за „странски агенти“. Амнести интернејшнал оцени дека законот ќе претставува „сериозен удар“ за слободата на медиумите во Русија.

 

Москва уште претходно го најави ваквиот чекор, откако Вашингтон ги обврза руските медиуми во САД да се регистрираат како „странски агенти“.

 

„Ова е симетричен одговор упатен до САД и сигнал дека нашите медиуми не треба да бидат третирани на таков начин“, истакна претседателот на Думата, Вјачеслав Володин во текот на дебатата за новиот закон.

 

Законот сега треба да биде изгласан од Горниот дом, па потоа и потпишан од претседателот Владимир Путин за да стапи на сила. Горниот дом треба да гласа на 22 ноември.

 

Заменик-претседателот на рускиот парламент, Пјотр Толстој за агенцијата Интерфакс изјави дека под овој закон во Русија нема да потпаднат сите странски медиуми, постојат критериуми за негова примена, а Министерството за правда ќе дефинира кои медиуми ќе бидат засегнати.

 

„Станува збор за медиуми, а не за одделни дописнички претставништва“, истакна тој, одрекувајќи идно креирање „црни листи“.

 

Москва се жали дека државните руски медиуми РТ и Спутник биле под зголемен притисок во САД во изминатата година и најави реципрочни мерки за американските медиуми во Русија.

 

На 13 ноември, телевизијата РТ се регистрираше во американското Министерство за правда, според Регистрацискиот акт за странски агенти(ФАРА).

 

Американските разузнавачи во јануари утврдија дека РТ и Спутник шират дезинформации како дел од руските владини напори за влијание врз американските претседателски избори во 2016. Москва негира вмешаност.

 

Односите меѓу Русија и САД се сериозно влошени поради наводното мешање на Москва во американските претседателски избори минатата година и поради руската воена интервенција во Украина.

 

Рускиот премиер Дмитри Медведев вчера рече дека односите со САД се влошуваат од ден во ден и оти е достигната најниската точка во последните децении.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи