Американска компанија што произведува игра со карти им се приклучи на демократите, еко-активистите и оние што се залагаат за правата на мигрантите, во борбата против предложениот ѕид на Доналд Трамп на границата со Мексико.
„Купивме плац на границата и најмивме адвокати за процесот на изградба на ѕидот да го направиме што е можно подолготраен и поскап“, објави компанијата Кардс агенст хјуманити.
Поради овој потег Трамповата администрација би морала да почне процес на национализација на приватен имот за да може да гради на него.
Трамп ќе мора и да ги наговори членовите на Конгресот да обезбедат милијарди долари потребни за изградба на ѕидот, што сега се чини невозможно. Неговата администрација сé уште нема значителна законодавна победа и покрај мнозинството во двата дома на Конгресот.
Меѓутоа, администрацијата на американскиот претседател почна со изградбата на прототипите за блоковите на ѕидот во близина на Сан Диего. Противниците на изградбата истакнаа дека ѕидот е неефикасен и ксенофобен потег, а дел од нив поднесоа и судски тужби со цела да ја спречат неговата изградба.