Неколку добро познати реномирани фудбалски репрезентации по подолг временски период нема да ги гледаме на едно Светско првенство, па веќе се заговара занимлива идеја во која тие би учествувале на свој мини мундијал кој би се одржал пред вистинскиот спектакл во Русија.
Американскиот фудбалски сојуз потврди дека преку сопствената промоторска куќа „Сокер јунајтед маркетинг“ почна со реализација на проектот за организирање фудбалско првенство на репрезентациите кои се „најголемо разочарување“, објави ЕСПН.
Со овој проект се очекува и дека ќе се амортизираат огромните финансиски загуби поради неиграњето на едни од најсилните репрезентации на СП во Русија следното лето.
Турнирот би требало да се одржи на американската територија, неколку дена пред да започне Светското првенство во Русија, односно по завршување на клупската европска сезона. Извори од Америка кажуваат дека американскиот фудбалски сојуз ќе ги повика Италија, Холандија, Гана и Чиле за нивното „анти-Светско првенство“.
Тоа се големи репрезентации кои се навикнати да учествуваат во најголемото натпреварување во меѓународниот фудбал, но овој пат не успеаа да се квалификуваат за Русија 2018. Италија е убедливо најголемиот магнет за Американците, бидејќи станува збор за репрезентација од највисоко можно ниво. Азурите учествуваа на секое Светско првенство, освен на отворањето 1930., кога учествуваа многу малку земји и 1958. кога исто така како и оваа не успеаа да се квалификуваат.
САД не се квалификуваше за прв пат од 1986, додека Холандија и Гана ќе го пропуштат Светското првенство по три последователни учества. Чиле е актуелен двоен освојувач на Копа Америка, но во лудната завршница во јужноамериканските квалфиикации не успеа да го резервира своето место за Русија 2018. година.
Останатите потенцијални учесници на америкаснкиот синоним за Светско првенство се и репрезентациите на Брегот на Слоновата Коска, Република Ирска, Босна и Херцеговина, Украина, Алжир и Хондурас.