ВИДЕО : Се е подготвено за спектаклот кој во недела ќе се одржи на мото крос арената во Лагово

Финишираше уредувањето на стазата на мото крос арената во Лагово кај Прилеп и се е подготвено за 5-тата по ред меѓународна трка насловена како „Storm riders“, која што ќе се одржи во недела во организација на клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп. На трката најавено е да има околу 30-тина учесници од балканските земји и таа ќе биде организирана во 4 категории : MX1, MX2, MX3 и OPEN CLASS.

 

 

„Би сакал посебно да се заблагодарам на поддршката од локалната самоуправа која што е традиционална. И оваа година Општина Прилеп ни излезе во пресрет. Исто така би сакал да се заблагодарам до јавните претпријатија како што се „Комуналец“, „Водовод и Канализација“, „Водостопанство прилепско поле“, „Здравствениот дом“, на нашите спонзори од бизнис секторот од Прилеп и секако сакам да се заблагодарам на нашата публика која што е многубројна и без која овој настан нема да биде тоа што е. Ги повикувам сите во недела да дојдат тука и да ја проследат трката на која ќе има и други активности кои нека останат изненадување за посетителите“, изјави Ѓорѓи Манчески, претседател на клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп.

 

Инаку оваа мото крос трка годинава е единствена во Македонија. Од клубот „Skyriders“ велат дека патеката е одлична, но на овој полигон недостасувал уште инфраструктурен објект, дел за кампирање, електрична енергија и некои помали пратечки објекти за кои биле уверени дека ќе бидат направени во наредниот период.

 

„Денеска ги завршивме земјените подготовки на патеката и таа е подготвена за утрешниот тренинг и натпреварот кој ќе се одржи во недела. Очекуваме да дојдат 30-тина натпреварувачи од сите околни балкански држави Грција, Бугарија, Албанија и Србија. Очекуваме нашиот фаворит од Битола, Кристијан Илиески, како и секоја година да го задржи првото место и да не израдува сите. Оваа година трката ќе биде од ревијален карактер, не успеавме да влеземе во календарот затоа што доцна ја закажавме, меѓутоа таа е сепак меѓународна и за наредната година се подготвуваме да направиме повисок ранг на натпревар“, истакна Златко Спиркоски, секретар на клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп.

 

Клубот „Skyriders“ одржува повеќе настани од екстремните спортови, оваа пролет планирале уште еден настан кој не го откриваат и сакаат да остане изненадување за граѓаните на Прилеп.

 

 

Прилеп веќе неколку години наназад ги развива и поддржува овие екстремни спортови како што се болдерингот, параглајдингот, планинскиот велосипедизам, downhill, паркур и други. Сето тоа придонесува Прилеп да го развива тој т.н. спортски екстремен туризам.

 

„Инаку во светот тој т.н. авантуристички туризам е особено развиен. Нашиот регион е многу посебен за тоа. Особено за летањето имајќи го предвид тоа како странците ја нарекуваат Пелагонија, а тоа е терминот  „Magic valley“ или „Магилна долина“, затоа што има прекрасни услови за летање. Физичката поставеност и димензиите кои ги има Пелагонија, заедно со планините околу неа даваат одлични услови за параглајдингот. Исто така сите овие спортови кои претходно ги споменав постои можност многу да се развиваат и мислам дека ќе продолжи развојот на проектот Прилеп град на екстремни спортови. Нема град на Балканот кој негува толку многу екстремни спортови како Прилеп“, додаде Манчески.

 

Од клубот „Skyriders“ велат дека во иднина сакаат оваа мото крос патека да се осветли и таа да се користи и за ноќни натпревари како и за рекреативно возење.

 

Утре во сабота (25.11.2017) ќе биде тренинг денот, а главната трка ќе се одржи во недела со почеток во 10.30 часот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи