Талибанци нападнаа факултет во Пакистан, убија деветмина

Најмалку тројца мажи маскирани во бурки влегле во колеџот во пакистанскиот град Пешавар, убивајќи најмалку девет лица и повредувајќи 36 лица.

 

Како што рекол шефот на локалната полиција, Салахудин Машуд, тие утрово почнале да пукаат на главната капија на комплексот, каде имало студенти и стражари во Земјоделскиот институт за обука Пешавар.Сите напаѓачи се исто така убиени соопшти армијата. Пакистанските талибанци рекоа дека го извршиле нападот, пренесе Би-би-си.

 

Машуд навел дека тројцата напаѓачи, кои носеле женски бурки, потоа ја минале капијата и отвориле оган за да си го расчистат патот до зградата.

 

Најмалку една експлозија била слушната од внатрешноста на кампусот, според извештаите на медиумите кои ја цитираат војската. Полицијата и армиските командоси ја затворија локацијата. Полицијата соопшти дека осум студенти се убиени и еден канцелариски работник.

 

Еден повреден студент, Ахтесан ул-Хак, за Ројтерс изјави дека од речиси 400 колеги околу 120 биле присутни за време на нападот, со тоа што повеќето отишле дома за продолжениот викенд заради празникот Еид-е-Милад.

 

„Спиевме кога слушнавме истрели. Станав и за неколку секунди сите трчаа и извикуваа: Талибанците нападнаа“, рече тој.

 

Пешавар кој е близу до границата со Авганистан, ги доживеа некои од најлошите насилства за време на талибанското бунтовништво во последниве години. Во 2014 година, талибанските милитанти во Пешавар нападнаа училиште управувано од војската, убивајќи 141 лице во еден од најлошите напади во поновата историја на земјата.

 

Талибанското движење, кое се бори за уривање на пакистанската Влада и воведување на муслиманското шеријатско право, презеде одговорност за нападот. Тоа движење е особено активно во соседниот Авганистан, каде беше на власт до американската интервенција во 2001 година, но има логистички бази и поддржувачи и во Пакистан.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.