Тројца одат во Шутка, Дамовски и Јованоски сè уште во куќен притвор

Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1, синоќа ги прифатил жалбите на Основното јавно обвинителство за гонење на кривични дела од областа на организираниот криминал и за тројца осомничени за насилствата во Собранието на 27 април годинава, за кои беше определен куќен притвор одлучил да го преиначи решението и да ги испрати во Истражниот затвор Скопје, потврдија од Кривичниот суд.

 

„Кривичниот совет постапувајќи по жалби поднесени од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинителството и решенијата на судија на претходна постапка ги преиначи на начин што уважен е предлогот на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор и против осомничените М.П., Г.Ѓ. и Е.Д.Б., определена е мерка притвор во траење од 30 дена“, соопшти Судот.

 

Ова значи дека овие тројца осомничени треба, а според дел од медиумите, веќе и се префрлени од домашен притвор во притвор во истражен затвор.

 

Во јавноста се коментираше дека судот имал двојни аршини при неговата одлука за дел од осомничените да донесе одлука за домашен притвор, а за други 30 деневен притвор во истражниот затвор Шутка.

 

Кривичниот совет денеска ќе одлучува по жалбите и за другите обвинети за кои Обвинителството бара притвор, а не куќен притвор, како и за жалбите на дел од притворените во затворот во Шутка кои бараат да одат во домашен притвор.

Вчера беше определен притвор и за три лица кои беа подоцна приведени или сами се пријавиле, а се дел од групата од 36 осомничени за организираниот напад на Собранието на 27 април. Тие се осомничени во истражната постапка за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Минималната казна за ова кривично дело е 10 години.

 

На 29 ноември Основниот суд Скопје 1 им изрече мерка притвор на 13-мина од осомничените, вклучувајќи ги Митко Чавков, и Игор Дурловски и Богдан Илиевски Бетмен, водачи на неформалното здружение кое што беше инспиратор на протестите што доведоа до организираниот напад во Собранието на 27 април. Шестмина добија куќен притвор, меѓу нив беа и Борис Дамовски и Владо Јовановски другите водачи на „За заедничка Македонија“.

 

Уште еден од осомничените кои не беа достапни за полицијата, синоќа им се предал на органите на прогонот.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien