Барселона во јануари ќе го сруши рекордот што го постави со купувањето на Осман Дембеле од Борусија Дортмунд за 100 милиони евра. Раководството на Ливерпул се предаде и во јануарскиот преоден рок ќе го продаде Филип Кутињо на Барселона за 145 милиони евра, тврди каталонскиот спортски дневник „Спорт“, но и „Мундо Депортиво“, весник близок до Барселона.
Познати се деталите од операцијата кои наводно ги договорил познатиот агент Киа Јорбачиан, која треба да биде финализирана по мачните преговори кои траеја повеќе од половина година. Барселона понуди 130, Ливерпул бараше 150, но двете страни се најдоа на 145. Самиот Кутињо ќе потпише договор на 4,5 години за плата од 14 милиони евра по сезона со која ќе биде втор најплатен играч во тимот, зад Лионел Меси.
Изминатото лето „црвените“ оддолеаа на сите понуди на „каталонците“ и бараа 200 милиони евра за да го ослободат Бразилецот, но откако видоа дека и без неговата добра форма тимот добро гази во Премиерлигата, сега се подготвени да го продадат. Мохамед Салах и Садио Мане играат одлично, па Кутињо не се ни забележува во составот на Јирген Клоп. Ова ќе биде одлична зделка за премиерлигашот, кој дел од парите веднаш ќе ги вложи за купување на Вирџил ван Дајк од Саутемптон, бидејќи очајно им е потребно засилување во одбраната.
За да дојде до парите кои се потребни за трансферот на Кутињо, Барселона ќе мора да продаде најмалку тројца фудбалери. Првиот на листата е Арда Туран, не толку поради отштетата што може да се добие за него, а која би изнесувала околу 30 милиони евра, колку поради ослободувањето простор во буџетот за плати бидејќи Турчинот има договор на 8,5 милиони евра. На списокот сп фудбалери за продавање се и Андре Гомеш, Рафиња и Жерард Делофеу. Уште неколку фудбалери би можеле да бидат продадени, но најважно е да се ослободи просторот со продажбата на Туран.
Како и да е изгледа дека сега се е готово и нема препреки, па се очекува Кутињо да пристигне на „Ноу Камп“ веќе во јануари.