Јужна Кореја и САД ги почнаа досега најголемите воени вежби во кои ќе симулираат различни сценарија, вклучувајќи и напади врз замислени цели, идентични со севернокорејските објекти каде што се претпоставува дека има нуклеарно оружје.
Во најголемата ваква вежба досега ќе учествуваат повеќе од 230 борбени авиони, вклучувајќи 6 „невидливи“за радарите ловци „F-22 Раптор“, уште толку ловци бомбардери од петтата генерација „F-35a“ и 12.000 војници. Според непотврдени извештаи на Јужнокорејските медиуми, во вежбата ќе учествуваат, меѓу другото и два суперсонични бомбардери Б-1Б Лансер
Северна Кореја претходно предупреди дека вежбата „Будни прваци“ е провокација која „само ќе повлече по себе уште пострашна одмазда и ќе го забрза самоуништувањето“. Истовремено, Кина ги повика сите страни да ги смират страстите.
„Ситуацијата на Корејскиот Полуостров е екстремно чувствителна. Се надеваме дека сите страни ќе сторат повеќе за да го смират конфликтот и да избегнат заемни провокации“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Пред една недела Пјонгјанг лансираше усовршена балистичка интерконтинентална ракета. Според Вашингтон, вежбите се со цел да ги зајакнат подготвеноста и оперативните можности на армиите на двете земји, како и да ги гарантираат мирот и безбедноста на Корејскиот полуостров.