Државната изборна комисија со еден месец задоцнување вчера ги објави одлуките за исплатата на бонуси донесени на затворени седници. Членовите на ДИК вчера ги задолжија службите во Комисијата оваа одлука да ја објават на веб страната откако информацијата за бонусите предизвика жестоки реакции кај јавноста.
Според Одлуката за исплата на надоместоците за спроведувањето на последните локални избори и Правилникот за определување на надоместоци, донесена на затворена седница на 16 ноември, членовите на ДИК си изгласале бонуси во висина од четири и две дополнителни плати.
Четири дополнителни нето исплатени плати добиле претседателот на ДИК Александар Чичаковски, заменик претседателот Реџеп Прекопуца, како и членовите на комисијата Атана Урумов, Виолета Дума, Игор Милев, Сабхи Јакупи, Сашо Срцев и Силвана Бонева.
Бедредин Ибраими, предложен од ДПА, и Асани Салија која седна на неговото место предложена од БЕСА, добиле дополнителни две нето исплатени плати во последниот месец.
За закажаните, а неодржани избори во април минатата година, членовите на ДИК си поделиле три плати. Пет плати бонус, пак, зеле за предвремените парламентарни избори.
Информацијата дека членовите на ДИК земаат големи бонуси ја обелодени амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли на предавањето кое го имаше пред студентите на Факултетот за безбедност, а поврзано со корупцијата.