Њујорк Тајмс неодамна обвини дека Кинескиот конзорциум предводен од Ли Јонгхонг лажел за своето резиме и не ги поседувал рудниците кои му го донеле богатството. Јонгхонг сè уште не почнал да го исплаќа долгот кон „Елиот Менаџмент“ фондот кој му позајми голем дел од парите за купување на клубот од Силвио Берлускони.
Новите газди потрошија над 200 милиони евра на нови фудбалери, а УЕФА во првичната контрола утврди низа нерегуларности. Беше побарано објаснување од клупските директори, но и тие немаа премногу аргументи пред телата на УЕФА, оставајќи голем простор за суспензија.
Во УЕФА постојат сериозни докази против Милан за нарушување на финансискиот ферплеј, на овој клуб може да му биде изречена и забрана за купување на играчи во најмалку еден преоден рок, но уште поголем проблем е „сивилото“ околу сопственичката структура, што наместо да го приближи Милан кон врвот може да го врати два чекори наназад, кон просечноста на италијанската фудбалска сцена.
Новите шпекулации во италијанските медиуми велат дека „росонерите“ следното лето ќе добијат нов газда, а тоа ќе биде арапската групација „Алкохаир груп“. На чело на овој конзорциум е Фаваз Абдулазиз, кој работи во градежништвото и недвижнини. Тој работи на проект во Милано во Сесто Сан Џовани, а оваа локација се споменува и како место каде може да се гради новиот стадион на Милан.
Богатството на Фаваз Алхокаир се проценува на околу 1,23 милијарди евра, но се уште не е јасно дали тој сака да купи само дел од Милан или пак во целост да го превзеде клубот од Кинезите.