Меѓународниот олимписки комитет ја исфрли Русија од претстојните Зимски олимписки игри во Пјонгчанг и ѝ нареди да плати казна од 15 милиони долари поради учеството на Рускиот олимписки комитет во државната допинг-програма.
Комитетот сепак, отвори можност некои руски спортисти да настапат во Пјонгчанг. Покана ќе добијат само оние кои ќе докажат дека не биле дел од допинг-програмата финансирана од државата и притоа би настапиле како репрезентација на „Олимпијци на Русија“. Тие ќе се натпреваруваат под олимпиското знаме, а доколку освојат златен медал, во нивна чест ќе биде пуштена олимписката химна.
Витали Мутко, поранешниот министер за спорт, доби доживотна суспензија од Олимписките игри. Тој е претседател на Организацискиот комитет на Светското првенство 2018 во Русија.
И покрај претходните најави, претседателот Владимир Путин и Рускиот олимписки комитет сѐ уште немаат донесено одлука за бојкот на ЗОИ од страна на сите руски спортисти.
Одлуката на ИОЦ ја објави претседателот Томас Бах, откако Извршниот комитет неколку часа дискутираше за финалниот извештај на Шмидовата комисија, која во изминатите 15 месеци истражуваше дали постоел „институционален заговор“ од министерството за спорт против ОИ 2012 во Лондон и Зимските игри 2014 во Сочи.