Силни шумски пожари во областа Вентура во Калифорнија, на околу 40 километри северозападно од Лос Анџелес, ги натераа локалните власти да евакуираат десетици илјади жители, јави телевизијата Си-Ен-Ен.
Околу 27.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови, откако властите признаа дека пожарите што беснеат низ Јужна Калифорнија се надвор од контрола. Засега нема жртви во пожарите кои, поради силниот ветер, се проширија на 180 квадратни километри.
Гувернерот на Калифорнија Џери Браун прогласи вонредна состојба во областа Вентура и ангажираше 1.000 пожарникари да го спречат ширењето на пожарот кон погусто населените области.
„Шансите да го задржиме огнот не изгледаат добро. Мајката природа ќе одлучи“, кажа шефот на пожарникарите од Вентура, Марк Лоренцен.
Досега се уништени 150 објекти во градот Вентура, 8.000 домаќинства се евакуирани, а 260.000 луѓе останаа без електрична енергија. Во опасност е и големиот забавен парк Волшебната планина.
И за наредните денови се најавуваат жестоки ветрови и ниска влажност, што ќе создаде екстремно опасни услови.