Интеграцијата во НАТО и ЕУ останува врвен државен, политички и стратешки приоритет на Република Македонија, а Парламентот се приклучува кон заложбите за реформските процеси кои се приоритет на парламентарното мнозинство и на сите политички чинители, при што од суштинско значење е и конструктивноста на опозицијата, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери на средбата со директорот на Канцеларијата за јужна и централна Европа во Стејт департментот Метју Палмер.
„Законодавниот дом се приклучува кон заложбите за реформските процеси кои им се приоритет како на парламентарното мнозинство така и на сите политички фактори во државата, при што и конструктивноста на опозицијата е од суштинско значење. Во таа насока поддршката од УСАИД е повеќе од добредојдена и значително придонесува во демократскиот развој на земјата“, рече Џафери.
На средбата Палмер истакнал дека САД се грижат за демократските процеси и владеењето на правото во Македонија, бидејќи, како што рекол, во неа гледаат партнер кој и во иднина ќе продолжат да го поддржуваат.
За време на средбата двајцата соговорници разговараа за актуелните политички случувања во земјата, при што се согласија дека судската власт треба да е независна и транспарентна во донесувањето на одлуките, но и да води сметка за интересот на државата и доброто на граѓаните.