Шумахер примен во Куќата на славните на Светската автомобилистичка федерација

Седумкратниот Ф1 шампион Михаел Шумахер, кој тешко ја повреди главата на скијање во Франција во 2013 година, примен е во Куќата на славните на Светската автомобилистичка федерација.

 

Ова претставуваше само уште една почест за можеби најголемиот Ф1 возач на сите времиња.

 

Седумкратниот  Ф1 првак е во тешка здравствена состојба уште од декември 2013 година, кога на скијање удри во камен, поради што 6 месеци беше во индуцирана кома.

 

Неговиот поранешен шеф во Ферари, Жан Тод имаше емотивен говор, но даде и надеж за излекување на Михаел.

 

„Уште е со нас и се бори. Но, ми недостасува навистина многу“, истакна Тод.

 

Со луѓето кои беа во Париз, сподели две за него најдраги работи додека двајцата биле во Ферари.

 

„Првата е кога во 2000 година ја освоивме првата титула, а втората ја покажува неговата големина и како човек и како спортист. Знам дека на прва топка Шуми изгледа арогантно, но тој е впрочем многу срамежлив човек. Само што заврши 2000 година ме праша дали можел да направи неколку тест кругови во Фиорана, да се увери дека и понатаму знае да вози. Секогаш се сомневаше во себе, бил одличен или не“, кажа Тод.

 

Во Париз дојде и менаџерката на Михаел, Сабине Кем. Сопругата Корина, е во Америка, додека синот Мик исто така имал некои обврски.

 

„Сите знаеме дека Шуми требаше да биде овде, сигурна сум дека тоа би го сакала. Она поради што беше така посебен и успешен е љубовта кон спортот, кон Формула 1“, кажа Сабине.

 

Во каква здравствена состојба е тој знае многу мал број на луѓе, но никакви информации не излегуваат во јавноста.

 

Тој се лекува во својата куќа во Швајцарија каде е изграден мал клинички центар. За него секојдневно се грижат 15-тина врвни доктори, а трошоците се поголеми од 100.000 евра неделно. Семејството за неговото лекување веќе го продаде приватниот авион, како и три милиони евра вредната вила во Норвешка.

 

За среќа, Михаел во својата кариера заработи близу една милијарда евра, па семејството ќе има како да ги покрие енормните трошоци.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.