Општина Прилеп распишува награден конкурс по повод патрониот празник „Свети Никола“

По повод патрониот празник на Прилеп, „Свети Никола“,Општина Прилеп во соработка со основните училишта од градот распишува награден конкурс на тема „Хуманоста – темел во меѓучовечките односи“. На конкурсот може да учествуваат сите ученици од основните училишта во градот со свои раскази.

 

Расказите учениците треба ги достават до своите предметни наставници кои селектираат три најдобри од секое училиште и потоа истите треба да бидат испратени до Општина Прилеп, најдоцна до 14.12.2017 година.

 

Во жири комисијата која ќе ги оценува расказите ќе учествуваат наставниците по македонски јазик од ООУ „Климент Охридски“,ООУ „Кочо Рацин“ и ООУ „Кире Гаврилоски“ како и двајца претставници од Општина Прилеп.

 

Во петок на 15.12.2017 година во 12 часот ќе бидат избрани 3-те најдобри раскази, а учениците автори на најдобрите раскази ќе бидат наградени со книги и парични награди.

 

За првата награда предвидени се 3.000 денари, за втората 2.000 денари и трета награда ќе добие 1.000 денари, средства кои ќе се издвојат од буџетот на Општина Прилеп, наменет за развој на образованието.

 

Наградите на учениците ќе им ги врачи градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, на празникот „Свети Никола“ изутрината во 10.00 ч во својот  кабинет во Општина Прилеп, кога освен учениците се покануваат и предметните наставници на наградените ученици.

 

Ова е само една од многубројните активности кои се организираат во Прилеп по повод патрониот празник на градот. Исто така се организира и хуманитарен турнир во мал фудбал, а собраните средства ќе бидат неменети за опремување на нов Центар за децата со церебрална парализа.

 

Во рамките на чествувањето предвидена е и градска трпеза, а годинава домаќини се компанијата „Салида“.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи