Големите воени вежби спроведени од страна на САД и Јужна Кореја и заканите на САД за превентивна војна против Пјонгјанг доведоа избувнувањето на војната на Корејскиот полуостров да стане „факт“, објави Министерството за надворешни работи на Северна Кореја, пренесе Индепендент.
Портпаролот на севернокорејското Министерство за надворешни работи, исто така, ги обвини „конфронтирачките агресивни“ забелешки на американските официјални претставници што го туркаат полуостровот на работ на војна.
„Опасните вежби кои непрестајно ги изведуваат воените сили на САД креираат чувствителна ситуација на Корејскиот полуостров, а насилната реторика на американските политичари доведе до ситуација во која нуклеарната војна е праткично на прагот. Повеќе прашањето не е дали ќе има нуклеарна војна, туку кога ќе почне истата. Не сакаме војна, но нема да се криеме од неа“, изјави вчера портпаролот, а пренесе официјалната новинска агенција на Северна Кореја, КЦНА.
Тензиите на Корејскиот полуостров значително се зголемија во последниве неколку месеци по последниот ракетен и нуклеарен тест на Северна Кореја, спроведени во спротивност со меѓународниот притисок и резолуциите на Обединетите нации. Северна Кореја минатата недела објави дека ја тестирала најнапредната интерконтинентална балистичка ракета, што може да стигне до САД.
САД и регионалните сојузници извршуваат заедничка воздушна воена вежба, под името Vigilant Ace, која започна овој понеделник. Во неа се користат американски воени авиони B-1B, борбени авиони F-22 Raptor, како и авиони F-35 и F-16. Јужна Кореја и САД велат дека вежбите се од исклучително дефанзивен карактер и дека со нив, американските и јужнокорејските пилоти ги унапредуваат нивните вештини. Во воените вежби учествуваат околу 12.000 војници и 230 воени авиони, а тие ќе траат до петок.