Неколку илјади муслимани се упатија кон плоштадот во близина на Дамаск Портата во Ерусалим, по молитвата во џамијата Акса.
Демонстрантите со себе носат транспаренти со натписи: „Ве повикуваме, армијо на муслиманите! Ерусалим – главниот град на калифатот!“ и мавтаа со знамињата на палестинските групации, пренесе Спутник.
За време на молитвите имамот го прогласи Ерусалим за арапски исламски град, и, исто така, зборуваше за „гневот“ и „значителната болка“, што го чувствува муслиманската заедница поради одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп да го признае Ерусалим како главен град на Израел.
Како што наведува агенцијата, учесниците на молитвата со аплауз ги поздравија зборовите на имамот.
Во меѓувреме, избија судири помеѓу демонстрантите и членовите на израелската полиција, а според извештаите од теренот најмалку 26 демонстранти се ранети во Западниот Брег, појасот Газа и во источен Ерусалим, во текот на вториот „ден на гневот“ што го прогласија палестинските лидери поради одлуката на претседателот на САД.
Повеќето демонстранти се повредени со гумени куршуми на Западниот Брег, соопшти Палестинскиот Црвен полумесец, но има ранети со боева муниција. Од границата со појасот Газа еден демонстрант во критична состојба е пренесен во болница.
После попладневната молитва стотици демонстранти во Хеброн, Витлеем и во Рамали својот гнев поради одлуката на администрацијата на Трамп го изразија со фрлање камења на израелските сили, кои одговорија со солзавец и гумени куршуми.
Илјадници луѓе во Газа излегоа на улиците. Протестираа повеќе стотици Јорданци во центарот на Аман по молитвата извикувајќи „Ерусалим е арапски“.
Протести се организирани и во пакистанските градови Карачи и Лахор, каде што демонстрантите од владата на Пакистан побараа да ги прекине дипломатските односи со САД.
Стотици луѓе се собраа и во Техеран и извикуваа „Смрт за Америка“ и „Смрт за Израел“, а иранските медиуми јавија дека слични протести има и во другите ирански градови. Исто така, има протести и во Авганистан, каде што во Кабул се собраа стотици демонстранти.
Агенциите пренесоа дека во малезискиот главен град Куала Лумпур пред амбасадата на САД веќе демонстрирале повеќе од 1.000 муслимани. Демонстранти, исто така, се собрале пред американската амбасада во Џакарта, Индонезија.
Конфликти со полицијата, исто така, се забележани во градовите на западниот брег на Јордан, покрај Хеброн и Калкилија, каде се проценува дека се повредени повеќе од 40 демонстранти.
Извор: МКД