ВИДЕО – Аризанкоски : Работничките права наголемо се кршат, итно е потребен нов закон за работни односи

Македонија е држава каде наголемо се кршат правата на работниците. Се врши трудова експлоатација, не се почитува 8 часовното работно време, а дополнително одработените часови, работењето во викенд или за празник скоро и да не се плаќаат. За жал тоа се права за кои работниците во западните земји се избориле уште пред скоро еден век, а кај нас тоа воопшто не се почитува.

 

Освен во приватниот, работничките права, што е уште потрагично, се кршат и во јавниот сектор, односно работничките права ги кршат и самите државни институции. Прекршување на таквите работнички права во јавниот сектор има особено кај договорите на дело, каде што на работниците не им се плаќа здравствено и пензиско осигурување.

 

Синдикатот кај нас воопшто не функционира, а работниците немаат солидарност едни за други. Со години наназад Синдикатот нема организирано ниту еден протест. Гледаме само меѓусебни расправии во ССМ, кој да седне на фотелјата, и кој повеќе ќе се умилкува на власта.

 

Голем дел од фирмите кај нас дури и не дозволуваат синдикално организирање. Синдикално организирање нема во текстилната индустрија, земјоделскиот сектор и кај странските инвеститори кои работат во ТИРЗ-овите.

 

И покрај сето ова инспекциите како и да не постојат.

 

 

Токму на оваа тема за работничките права во Македонија поразговаравме со Рубин Аризанкоски, секретар во здружението за заштита и унапредување на работниците „Достоинствен работник“ од Прилеп.

 

Здружението спроведува проект за институционална поддршка за унапредување и заштита на правата на работниците во локалната заедница, поддржан од фондацијата Отворено општество Македонија. Главна цел на проектот е да се даде едукација на работниците за нивните права и да се даде правна заштита.

 

Според Аризанкоски проектот давал можност за воспоставување на соработка помеѓу институциите, граѓанските организации и синдикатите каде што самите работници можат да се чувствуваат послободно за да ја елиминираат таа трудова експлоатација, кои биле најзастапени во текстилната индустрија и земјоделскиот сектор.

 

Работниците веќе се охрабрувале да ги пријавуваат случаите на повреда на нивните права, а „Достоинствен работник“ од лани до денес до државниот инспекторат за труд имал испратено 50 пријави.

 

Аризанкоски вели и тоа дека доколку државата ги прекине субвенциите до работодавачите после оној утврден рок минималната плата повторно би можело да се намали и да биде под 12.000 денари, а исто така потребно било итно донесување нов закон за работни обврски кој ќе донесел повеќе права на самите работници.

 

Повеќе околу работничките права и како да се заштите погледнете го разговорот со Аризанкоски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien