Емре Џан веќе ја избрал својата следна дестинација во кариерата, а тоа ќе биде тимот на Јувентус со кој германскиот фудбалер веќе постигнал договор за петгодишна соработка. Италијанскиот првак се обидуваше да го доведе Џан во летниот преоден рок, но Ливерпул не сакаше ни да чуе за продажба иако фудбалерот имаше само уште 12 месеци од актуелниот договор.
Преговорите за негово продолжување очекувано не се помрднаа од „мртва точка“, па сега Џан има можност веќе во јануари да преговара со останати клубови, за од следното лето без никаква отштета да си замине од „Енфилд“.
Како што јавува „Раи Спорт“, Јувентус излегол како победник од оваа трка откако начелно ги договорил условите за соработка. Германецот ќе потпише договор на пет сезони со „старата дама“, за плата од четири милиони евра годишно плус богати бонуси за секој освоен трофеј. Јирген Клоп веќе ја има договорено замената за Џан, однапред потпишувајќи договор со Наби Кеита од редовите на Лајпциг.
„Емре од Ливерпул е идеална опција. Тој дури не е ни скап на пазарот. Јуветус има потреба од играчи како него“, неодамна изјави легендата на Јувентус, Алесандро дел Пјеро.
За Џан биле загреани и Интер и Реал, па пратиле понуди на „Енфилд“, но Јувентус бил најконкретен. Емре Џан ја игра, можеби, најдобрата сезона откако дојде во Ливерпул, во 2015, постигнувајќи четири гола на 20 натпревари.